Металург потпиша договор со повеќе ракометни школи во Македонија

Македонскиот ракометен шампион Металург потпиша договори за соработка со 31 ракометна школа од територијата на цела Македонија.

Со ова клубот ја прошири својата Академија. Опфатени се градовите Куманово, Македонска Каменица, Делчево, Виница, Кавадарци, Прилеп, Кичево, Струга, Охрид и Скопје.

Во рамките на Академијата Металург каде функционираат овие ракометни школи членуваат вкупно 1.564 деца (машки и женски). Во рамките на Академијата Металург ќе бидат организирани и три тренерски семинари, првиот ќе биде викендов каде предавачи ќе бидат Лино Червар и Гино Стерзовски, а завршниот ќе се одржи во текот на летниот период за време на летниот камп во Охрид, кој ќе биде организиран од страна на РК Металург.

– Образованието и воспитувањето на децата се главното мото на овие тренерски школи. Воедно целта е да произведеме ракометари и ракометарки, репрезентативци со што ќе ја создадеме иднината на нашиот клуб и на ракометот во Македонија, изјави тренерот на РК Металург, Лино Червар.

Во клубот информираа дека во својата 43 годишна историја, работата со младите категории бил важен момент и така ќе продолжи. Првите школи клубот ги имал во основните училишта „Стив Наумов“ и во „Панајот Гиновски“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.