Металург повторно на “шопинг” во Брест Мешков

Составот на Металург кој зад себе ја остава една од најлошите сезони во поновата историја откако потпиша со првото засилување за идната сезона, Јанко Божовиќ, на добар пат е да добие уште еден нов ракометар од Брест Мешков.

Искусниот српски репрезентативец Растко Стојковиќ, кој и пред неколку сезони беше поврзуван со преселба во “Автокоманда”, е во комбинација за преселба во Металург, дознава ЕКИПА. Паралелно со него клубот се очекува наскоро да добие засилување и во името на младиот Литванец, Жердас Барбарскас, кој игра на левата бековска позиција.

Стојковиќ, иако има уште еднa година од активниот договор со својот сегашен клуб Брест Мешков, се очекува тоа да не претставува посериозен проблем за евентуален премин во Металург. Шампионот на Белорусија во пресрет на новата сезона прави целокупен ремонт на тимот по смената на тренерската позиција. Клубот кој досега претежно се базираше на ракометари од балканското поднебје, сега се фокусира кон ракометари од Источна Европа.

Очигледно е дека на Металург му претстои напорно лето во создавање и градење нов квалитетен состав за враќање на старите патеки, како на домашна сцена, така и на меѓународен план доколку добие “виза” за настап во Лигата на шампионите.