Спорт

Металург видно ослабен на гостувањето во Белорусија

Металург видно ослабен на гостувањето во Белорусија

Екипата на Металург замина за Белорусија, каде в сабота ќе ги одмери силите со составот на Брест Мешков во рамките од второто коло од Лигата на шампионите. Овој натпревар е многу битен, особено по поразот на домашен терен од ПСЖ, па евентуален триумф над Белорусите би им дал предност на „металурзите“ во трката за пласман во следната фаза од Лигата на шампионите.

Сепак тоа ќе биде исклучително тешка мисија бидејќи Металург ќе биде осетно ослабен откако Дарко Станиќ, Павел Атман и Ренато Вугринец не се најдоа меѓу патниците за Белорусија.

Станиќ во текот на летово во неколку наврати беше поврзуван со заминување, па иако минатиот викенд бранеше против ПСЖ очигледно е дека српскиот голман се наоѓа на излезната врата од клубот во „Автокоманда“. Истото важи и за Атман, за кого се говори дека го договорил својот трансфер на крајот од сезонава, па така рускиот бек треба да има само епизодна улога во тимот се до конечното заминување од редовите на македонскиот првак. Што се однесува до Вугринец, тој ја одлежа суспензијата од еден натпревар од ЕХФ, но се уште не се рехабилитираше од повредата на дланката. Врз новопечениот македонски репрезентативец доцна синоќа биле извршени детални лекарски прегледи, по што било одлучено дека ризикот за негов настап би бил преголем, па Вугринец остана во Скопје.