Металург за нијанса подобар од Вардар

Последниот натпревар од 28. коло во македонската Прва фудбалска лига, градската пресметка на “Железарница” помеѓу екипите на Металург и Вардар заврши со минимален триумф на домаќинот од 2:1.Прволигашот од Автокоманда дојде во водство во 51 минута со погодокот на Ристо Митревски, а во 90 минута на 2:0 зголеми Александар Далчески.

Единствениот погодок за Вардар беше дело на повратникот во “црвено-црниот” дрес, Филип Ивановски кој успешно го изведе ударот од белата точка.

„Ќе бидам многу краток, жал ми е што денеска на овој ден не ги израдувавме нашите навивачи иако не беа присутни, знаеме дека многу ни значеше оваа победа, нема да бараме алиби во квалитетот на теренот, меѓутоа изгубивме нефудбалски. Јас сум сигурен ако имаше барем минимални услови за игра, на фудбалски начин ќе го добиевме овој натпревар. Тоа е тоа, изгубивме значајни бодови, ни претстои поголемо дерби за два дена на Филип Втори против Пелистер и со подршката на навивачите ќе се рехабилитираме со победа и ќе продолжиме да се бориме до крај“, изјави по натпреварот капитенот на Вардар, Златко Таневски.

Актуелниот шампион на Македонија падна на петтата позиција на табелата, со освоени 48 бода, а Металург има освоено два бода повеќе и моментално е третопласиран на првенствената табела.