Македонија

Методите на СДСМ се пиштоли во глава на малолетни деца

Методите на СДСМ се пиштоли во глава на малолетни деца

Опозицијата предводена од СДСМ, полугите на соросовата фондација во земјава и медиумите кои се под капа токму на оваа фондација, по вчерашната прес-конференција на Зоран Заев вклучувајќи ја целата логистика во јавноста се обидуваат да претстават слика за нечовечност, нехумани случувања, глумејќи загрижени, навредени и изненадени од ситуацијата. Јавноста многу добро знае и памети кои се луѓето од СДСМ кои сега продаваат морал, тези за демократија, слобода и нехуманост.

Скандализирајќи ги случувањата, соросовите медиуми и останатите опозициски послушници одредени информации од материјалите кои ги објавуваа ги ставаат во погрешен контекст кој само нив им одговара, а не е верен до вистината.

Истите оние кои сега глумат загрижени и навредени, како Владимир Милчин или Радмила Шекеринска, дека “утробата се кревала од телефонските разговори“, му ракоплескаа на екс директорот на ДБК, Зоран Верушевски кога во 2003 година јавно им се закани на полицајците и вработените во МВР дека ќе ги беси лично доколку се осудат да дадат изјави пред суд за одбрана на генералите и Љубе Бошкоски кои беа во затвор.


Во времето на СДСМ: „Оса“ апсеше со вперен пиштол во деца

На судењето за случајот „Раштански лозја“ во декември 2004 година, сведокот на обвинителството Јулијана Младеновска тврдеше дека Верушевски и се заканил со апсење ако не сведочела против Александар Цветков.

-Директорот на државна безбедност Зоран Верушевски директно ми се закани дека ако не напишам изјава против Александар Цветков, ќе има апсење кај мене дома и тоа ќе го гледа мајка ми, сведочеше Младеновска , според текстот кој може да се прочита во Вест.

vest

На прашање на обвинетиот Цветков дали во МВР слушнала дека Верушевски рекол: “Цветков ќе оди на бесилка”, Младеновска кажа: “Да, јас тоа го разбрав од колешка”.

– Од колешка слушнав дека Верушевски се заканувал дека ќе го носи Цветков на бесилка – рекла Младеновска во изјавата која ја пренесува ДНЕВНИК.

Сопругите на сведоците за „Раштански лозја“ сведочеа дека маскирани лица со ознаки на агенцијата за обезбедување “Оса”, предводени лично од Бранко Бојчевски, апселе со вперен пиштол во деца.

-На моето тригодишно девојче, кое беше извадено од своето креветче, цело време му беше вперен пиштол во главата. Истото се има случено и врз деветгодишниот син на Александар Цветков при неговото апсење…, пишуваше ДНЕВНИК.

Ова е само дел од изјавата на Мирјана Стојкова, сопруга на обвинетиот Горан Стојков, за начинот на кој бил апсен и за постапките на надлежните органи и поединци од власта што следеле потоа.

Сопругите на обвинетите Стојков, Цветков и Кикереков обвинуваа дека апсењето на нивните сопрузи не го извршиле полицајци, туку вработени во агенцијата “Оса”, а автомобилите со кои биле однесени биле без регистарски таблички.

-Како им е платено на стотината вработени во Оса за апсењето и дали станува збор за преќутно постоење на парадржавни механизми и служби кои по потреба ги заменуваат функциите на државата?- прашуваа сопругите.

osa

Сопругата на Митко Кикереков, Сунца, во изјавата сведочи дека, иако нејзиниот сопруг не давал отпор при апсењето, му била ставена ќулавка на главата и бил удиран со тупаници пред очите на двете малолетни деца.

Сопругата на Стојков, Мирјана, зборуваше за спектакуларното апсење на нејзиниот сопруг со кршење на вратата и со вперено оружје. И пуштале информации дека психичкото здравје на Стојков било нарушено и дека сакал да се самоубие. Кога со претставник на Меѓународниот црвен крст отишла кај истражниот судија Вања Јуруковски, тој и рекол:

“Кои се овие говеда што си ми ги пратила да ми кажуваат како да се однесувам” и “Кој го терал твојот маж да го слуша Љубчо (Георгиевски) што да прави, е затоа ќе си го крка”.

Таа кажува и за настан од февруари 2003 година, кога тројца униформирани полицајци со полициско комби дошле со налог да го апсат нејзиниот деветгодишен син поради наводна тепачка со друго дете. Луѓе што се претставувале дека се од полиција, пак, и нуделе бугарско државјанство како најдобра солуција за неа, бидејќи нејзиниот сопруг ќе добиел доживотен затвор.

Сопругата на Александар Цветков, Билјана, вели дека вработен во МВР, кој бил уапсен во исто време со нејзиниот сопруг, по неколку дена дошол за да и каже дека морал да каже се што барале од него за да не му ја ликвидираат фамилијата. За да и се изнуди изјава на вработена во МВР, која работела во Петтата управа, и биле вршени упади дома, а Верушевски и се заканувал дека “ќе виси заедно со Цветков”, пишува ДНЕВНИК.


Диме Поштарот беше брутално ликвидаран со над 30 куршуми- никој не понесе одговорност

Во времето на истите оние кои сега глумат човештво и обвинуваат за нехумани работи, среде улица брутално беше ликвидиран Диме Ицковски- Поштарот, кој беше убиен од полицијата Семејството на Поштарот не доби одговор кој и зошто го изрешета 35-годишниот Диме.

Додека полицијата на една рака ги броеше прострелните рани, семејството и соседите во скопско Булачани сведочеа дека Диме бил егзекутиран со повеќе од 30 куршуми. Никој никогаш не заврши зад решетки и никој не се сети на неговиот син Никола – тогаш деветгодишно детенце.

dime

-Два дена пред убиството Диме беше во Сител за да му каже на главниот уредник дека му се подготвува егзекуција. МВР демантираше тврдејќи дека за Поштарот не е планирана каква било полициска акција. Тогаш реагираа само соседите – молк во невладиниот сектор, пишуваше весникот ВЕЧЕР.

 

Загрижените за нечовечност уапсија 350 лица во 2002 година

Истите овие кои сега се загрижени за нечовечност, во 2002 година кога ја преземаа власта уапсија 350 луѓе.

Голготата не ја одмина ниту Слободанка Шуклева, поранешна директорка на гевгелискиот Медицински центар. Тогашните властодршци, кои сега се силно загрижени и згрозени од тоа што го слушнале во телефонските разговори, Шуклева не ја пуштаа на погребот на својот татко.

– Додека била држена во притвор цели четири месеци, дрско била одбиена да контактира со одредени институции за заштита на човековите права. Била спроведувана со полициска придружба и со лисици на рацете за да присуствува на погребот на својот татко, кој поради притворот на ќерка си престанал да ги прима лековите што му биле препишани. Починал од жал за својата ќерка и нејзините страдања.  Многу добро се сеќавам дека со солзи на очите Шуклева ми опиша како нејзиниот адвокат со многу тешкотии успеал да издејствува дозвола за да присуствува на погребот на татка си. За да го убеди судијата, на адвокатот му требале пет часа. Слободанка добила дозвола да присуствува на погребот на татка си дури откако нејзиниот адвокат се заканил дека ќе одржи прес-конференција доколку не добие одобрение. Во меѓувреме, додека се случувало сето ова, погребот бил одложен за цели три часа, пишува Ден Дончев во една колумна.

Луѓето кои го измислија апсењето со лисици пред камери, сега говорат дека се загрижени и навредени од она што го слушнале од искреираните материјали. Уште еден пример од минатото покажува за тортурата вршена во затворите на сметка на политичкиот реваншизам. Никола Тасев, поранешниот директор на НИП  “Нова Македонија“ беше уште една жртва на тогашната власт, сместен во ќелија со осуденици што извршиле убиство или се обвинети за тежок криминал, раскажуваше неговата сопруга.

Тогашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев, предупреди на крајно понижувачкиот однос кон притворените во скопските затвори.

– Тие се сместуваат во ќелии полни со вода и врз нив се применува системот “седни-стани“, рече Ѓорчев.

Оние кои што сега се згрозени и на кои “утробата им се крева од телефонските разговори“, забораваат на не  толку далечните крајно нечовечки навреди од страна на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски искажани на јавен собир, кога вулгарно навреди стечаец за неговата сопруга и му кажа дека “дури и да сакал, не можел да постигне…“.  СДСМ, кој во изборната кампања во 2011 година со исмевањето врз трагичната и тешка транзициска судбина на еден стечаец го достигна моралното дно со навреди на јавен митинг, сега обвинува за нечовечност, глумејќи дека се загрижени и изненадени од ситуацијата.

Сите овие примери потврдуваат дека постојат факти  поради кои СДСМ не може да ја изманипулира јавноста и да го остварат тесно-партиското влијание врз неа. Јавноста многу добро знае и памети кои се луѓето од СДСМ кои сега продаваат морал, тези за демократија, слобода и нехуманост.