МФ: Целта на СДСМ е да ја дезинформира јавноста и да го прикаже издавањето на еврообврзница како незаконско

Очигледно е дека целта на СДСМ е да ја дезинформира јавноста наведувајќи членови од закони, без да се наведе нивната содржина, со намера да се прикаже издавањето на еврообврзница како незаконско, велат од Министерството за финансии во врска со денешеното соопштение на Социјал демократскиот сојуз во однос на издавањето на еврообврзницата.

Интегрален текст од реакцијата на Министерството за финансии:

Со цел да ја информираме јавноста на објективен и вистинит начин, сакаме да истакнеме дека во Законот за Влада членовите 44, 45 и 46 се однесуваат на формирање на Влада во која учеството на опозициските министри и заменици министри имаше за цел подготовка на изборите во 2016 година. Изборите беа два пати закажани и одложени, а министрите и замениците министри од СДСМ поднесоа оставка, која што им беше верификувана во Парламентот на РМ.

Еврообврзницата се издава согласно Законот за јавен долг  член 18 став 5 кој гласи државните хартии од вредност во име на Република Македонија на меѓународниот пазар на капитал ги издава Министерствотто за финансии врз основа на одлука на Владата на Република Македонија со која се утврдува максималниот износ на ново задолжување преку државни хартии од вредност. Владата на седница одржана на 21.6.2016 година донесе одлука за издавање на еврообврзница и истата е објавена во Службен весник на РМ.

Во одлуката на Владата е јасно прецизирано дека еврообврзницата е наменета за финансирање на две фискални години – што значи дека не е точно обвинувањето на СДСМ дека е надмината сумата за обезбедување средства од странски извори предвидена со буџетот за 2016 година.

Издавањето на државни хартии од вредност е регулирано со Законот за јавен долг. Државните записи се издаваат од 2004 година, а првата еврообврзница се издаде во 2005 година.