МФ: Годинава рекордни 568 милиони евра за капитални инвестиции

Предлог ребаланост е јавно достапен документ и секој кој ќе го отвори може да види дека во него се издвоени значителни средства за капитални инвестиции во инфраструктурата, во образованието, здравството, реагираат од Министерството за финансии.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на МФ:

Во Македонија никогаш досега не се инвестирало толку во инфраструктурата. Во моментов се градат три автопати, а се работи на реконструкција на две автопатски делници. За Демир Капија Смоквица поради подобрата динамика на реализација се издвоени и дополнителни средства. Со ребалансот се предвидени дополнителни средства и за гасификацијата.

Издвоени се и значителни средства за клиниките во Скопје и Штип, за болниците во Тетово и Кичево, за ПЕТ центарот, за реконструкција на 20 јавни здравствени установи, за  изградба на амбуланти во јавни средини, за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, за изградба на ученички домови, за изградба на студентски домови, за изградба на системи за наводнување, за рурален развој итн.

Ниту еден капитален проект со ребалансот не е скратен. Напротив, сите продолжуваат.

Македонија во првото полугодие од годинава имаше два обиди за одржување на избори. Во предзиборен период согласно Изборниот законик не може да се реализираат капитални проекти. Но и покрај тоа, и со ребалансот, капиталните инвестиции остануваат на историски највисоко ниво. За споредба, ако во 2006 година за капитални инвестиции беа издвоени 156 милиони евра, во 2016 година зборуваме за 568 милиони евра-со ребаланс.

Што се однесува до кратењето на средствата на Државната изборна комисија – кога се правеше буџетот за 2016 година и кога беше усвоен во Собрание, во Изборниот законик имаше датум за избори. Јавноста е запознаена под кои околности се откажаа изборите, па се презакажаа за јуни, па повторно се откажаа на неодредено. Доколку се закажат по трет пат годинава, ќе се обезбедат средства за спроведување на истите.