Македонија

Мицкоски – Бартол: ВМРО-ДПМНЕ нема да се врати во Собранието додека не се создадат услови за демократско функционирање

Мицкоски – Бартол: ВМРО-ДПМНЕ нема да се врати во Собранието додека не се создадат услови за демократско функционирање

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од Владимир Ѓорчев и Александар Николоски во вторникот се сретна со делегацијата на НАТО, предводена од Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на алијансата во Македонија.

На средбата било разговарано за приоритетите на Република Македонија за нејзино членство во НАТО, актуелните политички случувања во земјата, како и за реформските процеси.

„На средбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, истакна дека стратешка определба на Македонија е полноправно членство во НАТО . Мицкоски посочи дека членството на Македонија во НАТО останува интерес и цврста определба на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува натаму во партиското соопштение.

Мицкоски, исто така, го информирал Бартол за политичкиот прогон на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија од страна на власта, како и за одлуката за неучество во работата во Собранието на пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сѐ додека не се создадат услови за нормално демократско функционирање на Собранието.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакнал дека партијата е подготвена да ги поддржи реформските процеси за кои ќе оцени дека се во интерес на државата, но, исто така, е потребна активност и добра волја од страна на власта преку конкретни чекори со кои ќе ја потврди сериозноста во пристапот за реформските процеси кои треба да се спроведат.

„На средбата стана збор и за престојната посета на Македонија на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и за билетералната средба помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.