Мицкоски: Формирањето на ДИК не е издвоено прашање, за референдумот ништо не е дефинирано

ВМРО-ДПМНЕ не го уценува формирањето на Државната изборна комисија (ДИК) со законот за амнестија за настаните во Собранието од 27-ми април, изјави во саботата во Прилеп челникот на опозицисјата партија Христијан Мицкоски и посочи дека формирањето на највиското изборно тело е дел од пакетот реформски закони кои власта и опозицијата ги усвоија заедно.

„Не смее ДИК да се гледа како издвоено прашање. Тоа беше дел од еден поголем пакет. Тој започна со таканаречените, реформски закони, кои беа усвоени во март-април годинава, опозицијата учествуваше во нивното креирање и усвојување кога се врати по неколкумесечното отсуство. Втората работа, донесена и прифатена од Владата, е донесувањето на законот за финансирањето на партиите и измените во законот за Влада каде треба да се дефинираат истите оние услови кои ги имаше опозицијата за време на предвремените парламентарни избори во 2016 година, па дури потоа на дневен ред доаѓа формирањето и изборот на ДИК“, рече Мицковски.

Кога станува збор за референдумот за прифаќање на договорот со Грција на кој граѓаните ќе се изјасната за прифаќање на уставното име на Република Македонија, Мицкоски вели дека сите опции се отворени сѐ до неговото распишување, што е задача на парламентарното мнозинство.

Лидерот на опозициската партија вели амнестијата е издвоена од целиот овој процес, а ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на донесувањето на ваков закон откако ќе го поднесе во Собранието. Мотивот за амнестија на сите учесници во собраниеските настани, Мицкоски вели дека е очигледниот притисок врз граѓаните и нереално високите затворски казни кои ги изрекува судот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.