Мицкоски: Граѓаните се изневерени од Владата

Граѓаните се изневерени од Владата, нема ниту подобар живот, ниту подобар стандард, вели во интервју за Независен весник лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Господине Мицкоски, помина еден месец откако седнавте на водечкото столче во ВМРО-ДПМНЕ. Во каква кондиција ја затекнавте партијата, односно што ви остави претходникот Никола Груевски како наследство?

– ВМРО-ДПМНЕ ја затекнав во релативно добра кондиција, но со многу актуелни политички предизвици, кои се наметнати и врзани со актуелна политичка и општествена ситуација. ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во процес на реорганизација, која се одвива на повеќе нивоа каде што имаме една природна промена на кадри, што самото по себе не подразбира откажување од претходните, туку нудење шанса на нови свежи потенцијали и црпење на искуството на постојните кадри, оние што се спремни да придонесат за зацврстување на партијата и нејзино враќање на победничките патеки.

Каква е сега позицијата на Груевски во ВМРО-ДПМНЕ откако го прогласивте за почесен претседател? Доаѓа ли често во партијата, ви сугерира ли одредени одлуки и кадровски решенија?

– Низ процесот на мојот кариерен развој, што како професор на факултет, вклучително сега и низ политичките води, природно е да се добие еден комплетен карактер каде што со својот авторитет и капацитет на носење одлуки, носам решенија кои се базираат на моја проценка за работите и низ консултација со мојот тим. Што се однесува до Груевски, тој доаѓа во партијата користејќи одредени канцелариски простории кои се од привремен карактер, а колку што знам, неговата намера е пред сѐ да се посвети на надградба на неговото примарно поле на интерес – економската науката. Иако нашите контакти не се пречести, добро е да се знае дека може во одредени моменти да се искористи неговото искуство преку неговите видувања за работите.

Внатрепартиските поделби веќе не се тајна, а се чини дека земаа дополнителен замав со минатонеделното формирање на Извршниот комитет, во кој немаше место за истакнати членови како Антонио Милошоски, Илија Димовски, Борис Змејковски, Марта Томовска, Зоран Ставрески, Филип Петровски… Дел од нив се и пратеници во парламентот, како планирате да оди натамошната комуникација особено што, според нашите сознанија, по конгресот во Валандово немате никаква комуникација со нив?

– Не би се согласил со вашата констатација дека станува збор за поделби, барем мене ниту ми била таква намерата ниту посакувам да се случи такво нешто. Со дел од тие луѓе што ги споменавте точно е дека имаме различни мислења и ставови за одредени прашања и позиции, исто како што имаме и слични ставови за други прашања и позиции. Тоа е здраво и посакувано во една демократска партија. Но најважно од сѐ е што ВМРО-ДПМНЕ е отворена за секој што сака да придонесе во заедничката обврска да се спротивставиме на хаосот, безредието, и погубните политики што ги спроведува актуелната влада, било да се прашањата од политичката сфера, а уште полошо и со поголемо влијание врз граѓаните во економската сфера. Тој мотив треба да е поголем од сите различни ставови што постоеле, а верувам дека силно ВМРО е заедничкиот интерес на сите што се дел од ВМРО-ДПМНЕ. Извршниот комитет не е единственото место каде што политички може да се реализираат сите оние што сакаат да партиципираат, тука се и централниот комитет, општинските комитети, советите и комисиите на ВМРО-ДПМНЕ. Дел од луѓето што беа членови на претходните состави на извршниот комитет по своја иницијатива сакаат да се посветат на некои други полиња од нивни интерес, дел остануваат да помогнат со своите искуства и совети. Партиските функции не се вечни и тие се минлива категорија, ВМРО-ДПМНЕ има потенцијал и кадри за да биде замена на актуелната влада која доживува дебакл во секој поглед.