Мицкоски: Македонија има сила и ќе ги победи погубните политики

Единствено што оди напред во државата се бизнисите на картелот на власт, а граѓаните ќе им стават крај на ваквтеи погубни политики, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој во саботата се сретна со граѓани од Струга и одржа состанок со локалниот општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Огромен број граѓани дојдоа и со загрижен израз на лицето ја споделуваат загрижеността за сегашноста и за тоа каде се движи Македонија во иднината. Самите велат дека сакаат од власта да ги обесхрабрат, да ги направат индиферентни на сѐ она што се случува, но во истиот момент додаваат дека не им е сеедно бидејќи Македонија е сѐ што имаме. И така е, поминува една година како СДСМ е на власт, пред изборите ветуваа многу, но еве сега можеме да ги видиме и оценуваме една година потоа“, пишува Мицкоски на социјалната мрежа Фејсбук.

Мицкоски вели дека тие ништо не исполниле, не затоа што не се може подобро, туку затоа што не работат.

„Погледнете што се случува во економијата, долгот се зголемува, постојано се зајмуваат, но главното прашање е каде се парите. Нема проекти, нема ништо со што можете да кажете подобро се живее. Парите народот не ги гледа. А знаете зошто не ги гледа? Затоа што водат клептоманска политика, затоа што камионите од картелот треба да вртат, луѓето блиски до власта ги добиваат сите тендери, и затоа го укинаа советот за јавни набавки за да може во четири очи да склучуваат договори. Кога ќе ви кажат дека живот ќе носеле, знајте дека од тоа ништо нема, ќе донесат само бизниси и црни пари за картелот на власт. Народот го делат, поделуваат, подигаат ѕидови, прават бариери, измислија закон за двојазичност и го подметнаа во Собранието да се дели јавноста и народот, измислија советничко место за Хоџа, ги ослободија оние од Смилковско Езеро и око не им трепнува. Тоа е така затоа што смислуваат приказни за да ја затскријат болната реалност, а реалноста е дека народот гладува.

Македонија сѐ повеќе се намалува, сѐ повеќе ја нема. Како е тоа можно? Можно е затоа што младите си заминуваат, младите ги полнат авионите, а се празнат градовите. Нема семејство од кое некој близок не си заминал. За жал, заминуваат затоа што овде негледаат иднина. Си заминува иднината на Македонија и се распрскува низ белиот свет. Си одат затоа што на младиот човек му е преку глава да биде уценуван за да се вработи, му е преку глава некој да си игра со неговото достоинство, му е преку глава да биде ограничуван, да му се загрози слободата, да му се редат окови, преку глава му е да му се вели дека треба да чека, и дека ќе дошло неговото време, преку глава му е да биде лажен и манипулиран. Потребни се резултати веднаш.

И тие резултати ќе дојдат, затоа што нашиот завет ќе биде нашата програма. Спремаме програма која ќе понуди решенија и за младите, и за невработените, и за компаниите, и за земјоделците, и за развој на туризмот, подобро здравство.

Почетокот на крајот брзо ќе започне. Затоа сите обесправени, жедни за правдини,револтирани, репресирани, дојдете излезете за големиот протест пред владата на 2 јуни заеднички да испратиме порака до владата дека е доста, доста е на сите погубни политики. Македонија има сила и Македонија ќе победи! Го имате мојот збор“, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски во текот на посетата на Сртуга се осврна и на неостварените ветувања на актуелната влада.

„Што се случува сега, ветуваа 500 евра просечна плата, 30.000 денари, ветуваа 100.000 денари просечна плата за докторите, ветуваа нови 600 километри автопат ветуваа повеќе субвенции за земјоделците, ветуваа поголеми стипендии и повеќе можности за младите, ветуваа поголеми пензии за пензионерите, ветуваа живот за сите. А што донесоа? Донесоа чемер, јад и разочарување“, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ посочи дека единствено што оди напред се бизнисите на картелот на власт додека се друго назадува.

„И секогаш кога одам низ Македонија и кога се движам и кога разговарам со луѓето ги прашувам дали има нешто што јас не гледам? Дали има нешто што навистина добро го прават и ако навистина добро го прават да можам да се обидам да им стегнам рака и да им кажам ова навистина добро го направите. Дaли овде во Струга има нешто што добро го направиле? Еве кажете ми Вие да ги пофалиме за тоа. Сите се согласуваме дека нема такво нешто. Секаде каде што стапнав во Македонија, истиот одговор го добивам. Тоа ли го заслужуваме како народ, тоа ли го заслуживме како нација? Ние тоа не го заслуживме. Не само ние, тоа не го заслужија ни стружани. Тоа не го заслужи нити еден град во Македонија, ниту една етничка групација во Македонија“, додаде претседателот на опозициската партијата.

Мицкоски нагласи дека суштината е поинаква.

„Единствена работа која во овој момент расте, и единствена работа која што во овој момент се движи напред се камионите на фамилијата. Единствена работа која во овој момент се сее се плантажите со марихуана на фамилијата. Единствена работа која во овој момент цути се пупките во судството кои на Зоран Заев ќе му овозможат ослободителна пресуда. Тоа е она што во овој момент оди напред. Камионите на семејството и фамилијата, плантажите со марихуана и пупките во судството за да можат на Зоран Заев да му обезбедат ослободителна пресуда да ве направат сите Вас слепи при очи и глуви при уши. Тоа е единственото нешто што и го понудија на Македонија. Второ што и понудија е како да ја заковаат Македонија на дното по раст на бруто домашниот производ“, додаде Мицкоски.

Рече и дека оваа трета генерација на политичари од ВМРО-ДПМНЕ има задача да ги порази последните остатоци од транзицијата кои сега владеат со државата, а почетокот на тој пад почнува на 2-ри јуни со општонародниот протест, а ќе заврши са до конечно заминување на оваа Влада.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.