Мицкоски: Македонија тоне во корупција, тоа мора да се смени

Општество во кое нема место за корупцијата“ беа зборовите кои ги ветуваа од владата. Но што добиваме: и официјално Република Македонија е означена како најкорумпирана држава во Европа, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски.

„За девет месеци оваа влада нема преземено ниту еден единствен чекор за сузбивање на корупцијата која го разјадува општественото ткиво. Неефикасното и зависно судството останува рак-рана, неефикасни институции, отсуство на професионалност во раководниот кадар на полицијата, исклучително корумпиран менаџмент во здравство, како и широко распротранета корупција на институциите кои се во непосреден допир со граѓаните се само мал дел од големата слика за тоа каква држава сме денес“, вели челникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски истакнува дека јавноста чека одговори од премиерот за тоа до каде е истрагата за корупцијата на двајцата членови од неговата влада која беше најавена.

„Најзагрижувачка е корупцијата на најниско ниво. Македонија не смее да се претвори во место каде граѓаните за да стигнат до една обична услуга која природно им припаѓа, мора да потплатат. Потребна е решителност, независност, и волја да се сузбие оваа појава. За ВМРО-ДПМНЕ, Македонија која има брз и ефикасен правосуден и полициски систем е цел која нема алтернатива. Граѓаните мора да се чувствуваат безбедно и правично“, вели партискиот лидер Мицкоски.