Мицкоски: Миновски ако не се извини, следува тужба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се огласи на социјалните мрежи по обвинувањата од генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски на денешната прес-конференција.

Мицкоски вели дека прес конференцијата на Миновски е наменета за одвлекување на вниманието од скандалите со коруптивните бизниси кои се склучуваат во четири очи во оваа компанија.

-Миноски призна дека помалку произведуваат од истиот период минатата година и тоа за 10%, имаат прелив и притоа губат значителни количини електрична енергија и немаат развојна политика. Миноски со лаги, клевети и измислени тези упатени кон мене сака да ја покрие вистината за тоа како најпрво поништуваат тендери, и наместо вториот најповолен понудувач со веќе објавена цена се избира иситата таа фирма но овој пат со далеку повисока цена, и во договор во 4 очи, како се прави оглас за милионски тендери со услови кои може да ги исполни само една компанија, и како тие услови преку ноќ се менуваат само за да се покрие скандалот и ред други неправилности кои повлекуваат сомнежи за сериозен криминал, пишува Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека и како ништо од ова да не е важно за раководството на ЕЛЕМ и Владата, но важни се клеветите и измислените информации упатени кон него.

-Затоа колега Миноски ќе имате период од 48 часа да испратите јавно извинување за сите клевети и навреди што ги изнесовте денес, а притоа му нанесовте штета на мојот углед и чест или во спротивно се што изнесовте денес ќе мора да го докажувате низ судска постапка. Одите во погрешен правец и ве советувам пола од енергијата која ја трошите да ме извалкате со невешто читање на напишани соопштенија да сработите нешто за доброто на татковината, за граѓаните за ЕЛЕМ. За сите злоупотреби кои ги исполнувате за вашите нарачатели ќе одговарате и ќе одговарате многу скоро, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.