Мицкоски обелодени нов скандал и криминал на власта

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обемното интервју во за Алфа Телевизија во четвртокот вечерта обелодени нов криминален скандал на раководните лица во РЕК Битола при ангажирање на ткн помошна работна рака, каде што компанија блиска до раководните лица во компанијата ќе се збогатува на грбот на работниците.

Мицкоски појасни дека постојат сериозни индиции за криминал во делот на БТО Системот, односно „багер-транспортер-одлагач“. Станува збор за систем во кој се копа со багер, а рудата се транспортира до одлагачот чија задача е да ја одлага во депонија. Бидејќи ова не е постојана работа, во минатото не се вработувале работници за ова, туку се ангажирала ткн помошна работна рака.

„Тоа е тендер, се поништува постојниот тендер, се ангажира компанија којашто никогаш порано не работела во РЕК Битола. Лицето сопственик е близок пријател со одредени раководни лица во РЕК Битола и цената по којашто се ангажира таа компанија е 197 денари за час, а на работниците им се исплаќаат нешто повеќе од 90 денари. Разликата е околу 100 денари коишто влегуваат директно на сметките на таа компанија“, рече Мицкоски.

Појасни дека во минатото за ова се плаќало околу 120 денари за час, а новите цени се поскапи за околу 70 денари.

„Еве уште едно основано сомнение, па ги повикам Основното јавно обвинителство, Финансиската полиција, сите оние институции во државата коишто се задолжени да откријат злоупотреба и криминал да ја проверат оваа информација од јавен свиркач“, порача Мицкоски.