Македонија

Мицкоски по средбите во Брисел: ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжува да ги надградува своите позиции

Мицкоски по средбите во Брисел: ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжува да ги надградува своите позиции

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денес заедно со потпретседателот Александар Николоски и членот Извршниот комитет Владимир Ѓорчев, при посетата на Брисел, остварија средба со пратениците во Европскиот парламент, Иво Вајгл и Едуард Кукан и пратениците, Маријана Петир и Алојз Петерле кои се дел од групата „Пријатели на Република Македонија во Европскиот парламент“.

Мицкоски по средбите истакна дека имале многу корисни состаноци на кои што можеле да ги презентираат позициите на партијата, да ги презентираме политиките кои што ВМРО-ДПМНЕ сака и треба да ги води.

„Исто така го реафирмиравме нашиот став за ориентирање кон полноправно членство во Европската Унија и НАТО алијансата. Ќе ја искористиме нашата целокупна инфраструктура во рамките на сестринската Народна партија, за да можеме да добиеме позитивен извештај за напредокот на Република Македонија и нејзино понатамошно отпочнување на преговори со Европската унија“, изјави Мицкоски по средбите.

Истакна дека се обиделе позитивно да делуваат за она што се вели напредок на Република Македонија во рамките на ЕУ.

„Исто така, не можевме да ги одбегнеме и реалните теми кои што ја тангираат Република Македонија, кои што за жал имаат негативен предзнак. Тоа се тремите кои што моменталната владејачка СДСМ, а тоа се злоупотреба на државните институции, злоупотреба на моќта, потоа она што се вели политички терор, она што се вели злоупотреба на мерката притвор, негативните резултати на економски план, изгубеното чувство на доверба во демократијата, изгубеното чувство на доверба во институциите во системот. Она што се вели реформи исто така изостанува. Суштински реформи, реформи кои што владата треба не само декларативно туку и применливо да ги имплементира во Република Македонија, реформи што ќе значат подобар живот за нашите граѓани, подобар живот во општеството во Република Македонија во целост“, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во изјавата истакна дека допреле многу теми, теми што значат и промоција.

„Теми што значат и поддршка за Република Македонија од страна на нашата сестринска Народна Партија , од страна на нејзините капацитети во рамките на Европската Комисија но секако и теми кои што потребно е да ги информираме европратениците за сето она што се случува во Македонија кој што за жал имаат пред себе негативен предзнак. Така што на крај би сакал да оценам една успешна, многу корисна посета којашто делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја имаше овие два дена тука во Брисел. Многу интензивна од каде што извлековме големо знаење. Во иднина можам да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжува да ги надградува своите позиции и односи со луѓето тука во Брисел на едно повисоко ниво. Така што можам да кажам дека заминувам од овде со задоволен позитивни импресии и впечатоци од сето она што се вели посета на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел“, посочи Мицкоски.