Мицкоски: Подадена е рака за сите на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски

Кандидатот за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред почетокот на работата на 16. Конгрес на партијата изјави дека очекува да се соберат потребниот број делегати.

– Искрено очекувам дека ќе дојдат потребниот број на делегати денес на првиот ден на работа на Конгресот и согласно статутот и во текот на утрешниот ден, рече Мицкоски, единствен кандидат на конгресот за лидерската позиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ доколку биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи утре пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.

За најавениот бојкот од страна на високи партиски функционери Мицкоски рече дека тоа се исклучителни луѓе, кои извршувале високи функции во партијата со одличен успех, кои имаат додадена вредност на партијата, и кои имаат потенцијал да помогнат на партиските политики.

– Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сведоци сме последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ во Валандово го одржува 16. конгрес, по повлекувањето на Никола Груевски од лидерската функција.

За да почне да работи Конгресот потребно е присуство на две третини од вкупниот број 544 делегати. Единствениот кандидат за да биде избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да добие поддршка од мнозинството од вкупниот број делегати. Во спротивно целата изборна постапка се повторува.