Мицкоски: Процесот на преговорите со Грција го води Владата, на неа е одговорноста

Средбата беше од очекуван информативен карактер, министерот за надворешни работи Никола Димитров и премиерот Зоран Заев нѐ информираа за текот на разговорите, односно преговорите, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по повеќечасовната координативна средба за спорот за името до Грција.

„Исто така, беше презентиран и предлогот од страна на господинот (медијаторот на ОН, Метју) Нимиц, предлог кој помалку или повеќе ѝ е познат на јавноста во Република Македонија. Оваа средба требаше порано да се случи, сега ги имаме информациите. Можам да кажам дека од овој момент па натаму, целокупниот процес за водење на преговорите поврзани со овој спор го води Владата, тој спор треба да продолжи и натаму да го движи“, рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Мицкоски, е силен поддржувач на преговорите и останува единствена на опцијата дека Република Македонија мора да биде дел од НАТО и Европската унија,  и ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на државните и националните интереси на Република Македонија.

Координативната средба во Клубот на пратеници траеше околу седум часа и заврши малку пред полноќ во саботата. На неа покрај челниците на владејачките партии СДСМ и ДУИ, Зоран Заев исто и како претставник на владата, односно Али Ахмети, и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Моцкоски, присуствуваше и шефот на државата Ѓорге Иванов.

Претседателот Ѓорѓе Иванов рече дека сите вакви средби се неопходни. Како што рече тој бил презентиран предлогот на Нимиц, но не сакаше да открие детали.

„Процесот се води во рамките на Обединетите нации и потребно е тоа да биде одговорно во рамките на македонските интереси, а да не биде на штета на граѓаните“, рече изјави Иванов.