Мицкоски: Власта се обиде повторно да исценира 27-ми април и да го обвини ВМРО-ДПМНЕ

Официјалните лица во владата и СДСМ кои што ги мотивираат ги обојуваат на тој начин протестите и се обидуваат ВМРО-ДПМНЕ да го навлечат во сценарио веќе познато од минатото од 27-април. Слично нешто такво беше подготвувано пред некој ден и слично ќе се подготвува во иднина за да може ВМРО-ДПМНЕ да се прикаже како екстремнo радикален елемент и да му се одземат очигледните аргументи и да можат на начин на кој само тие знаат, кои го прикажаа во минатото со кршење на Деловникот и законите и процедурите да го протнат и ова капитулантско дело, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во „Патот кон“ на Алсат М Телевизија.

„Тоа беше сценариото кое што се случи пред некој ден и кое сакаат да го прават во иднина. Да го повторат 27-ми април. ВМРО-ДПМНЕ кога организира протести и е организатор, јасно и гласно кажува кога ќе бидат и каде ќе бидат и така ќе биде и во иднина“, потенцираше Мицкоски.

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува елементарното право на граѓаните и ги поддржува нивните чувства да го изразат својот револт да протестираат на мирен начин против сето она што оваа влада на СДСМ им го приредува и на нив и на нивната татковина.

„Но, никако не можеме апсолутно да оправдаме лидер на една политичка партија којшто со две знамиња застанува на борбена кола и му излегува службено лице и малтене со галење го моли да се симне од возилото, а притоа со прекумерна сила употребува, солзавци, палки и гумени куршуми против другите луѓе кои го искористиле своето право да протестираат. Сега дали е тој добронамерник или бидејќи некој е со него имал инструкции и дали случајно се појавуваат такви луѓе кои создаваат инцидент за да им дадат алиби да применат прекумерна сила“, рече Мицкоски.

Додаде дека некој тоа намерно го прави со цел да го идентификуваат тоа со ВМРО-ДПМНЕ да го направат радикален елемент и да го повторат сценариото од 27-ми април.

„Ние видовме таму до заби вооружани припадници на полицијата. Штетата е што некој тие ги злоупотребува да удрат против својот народ којшто изразува на мирен начин револт против ова капитулантско дело“, нагласи Мицкоски.

Претходно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во партија не ни помислува да поддржи постапка за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов.

„Изјавата на Заев беше донесена во конотација дека доколку одбие да го потпише Договорот, тогаш тие би покренале постапка за импичмент. Врз основа на одговорот вчера којшто го даде претседателот Иванов, и го повика веднаш, доколку цени дека треба повика, нека го повика тоа двотретинско мнозинство и нека ја отпочне постапката. Но, еве јас ви кажувам дека не само што го нема и што само пазарџиски блефира и си игра со чувствата на луѓето, туку се обидува повторно грубо да манипулира и да лаже и создава лажна надеж кај луѓето“, рече Мицкоски, додавајќи дека Иванов е повикан да го штити Уставот и неговна должност е да го заштити Уставот.

Според него, доколку Договорот е противуставен, а како што рече, тоа од авион се гледа, претседателот Иванов мора да постапи во насока на заштита на Уставот.

„ВМРО-ДПМНЕ такво нешто не само што нема да поддржи, туку нема ни намера да размислува за такво нешто“, рече Мицкоски, додавајќи дека е сто отсто сигурен оти пратениците од неговата партија, но и од коалицијата нема да поддржат импичмент за претседателот Иванов.

Мицкоски рече дека со договорот со Грција се негира правото да се определи како Македонец на сите Македонци надвор од територијата на државата. Во врска со прифаќањето на договорот од страна на Заев, Мицкоски вели дека никогаш не би прифатил таков договор.

„Јас не би прифатил вакво нешто. Не само што не би прифатил не би ни разговарал на таа тема воопшто. Еве не мора јас да сум во право. Видете ја денешната изјава на премиерот на Грција, Ципрас, каде што вели – Ние епохално успеавме да вметнеме придавка пред зборот Македонија што до сега го немаше, бидејќи поранешна се идентификуваше кон Југославија, а ние се обраќавме кон Македонија зошто беше Република. Самото тоа ви кажува ние земавме многу, а не дадовме ништо“, вели Мицкоски.

Подвлече дека од страна на Владата немало никаков демант и додаде дека доволно е да се видат ги изјавите на грчкиот премиер и грчкиот министер за надворешни работи.

Според него, ова сега е хибрид со вметнување на таа придавка меѓу Република и Македонија. Во овој момент, Мицкоски вели дека ова е егзебиционизам и се кажуваат убави работи во моменти кога државата се распаѓа на секаков план