Мицковски: Кланот Заев и Шекеринска продолжува да го уништува СДСМ

Колумнистот Ивор Мицковски, кој беше избркан од порталот „Окно“ поради жестокиот напад  врз  раководството на СДСМ, преку пост на својот ФБ профил им порача на челниците на опозицијата дека продолжуваат со уништување на партијата.

„Заев и Шекеринска продолжуваат со уништување на СДСМ…бркаат искрени и посветени членови и активисти…само така продолжете, бидете клан“, напиша Мицковски.

Мицковски претходно во своите последни колумни објавени на Окно, пишуваше дека лидерот на СДСМ е дел од олигархија, а неговата заменичка „сноб кој пере пари преку кирии“.

„Зарем, Заев кој е само политички лост на милионерскиот струмички клан од Муртино, кој живее и опстојува благодарение на непотизам и тендери, кој нема три чисти со национална политика, ќе ја спаси Македонија од Груевски?! Или Шекеринска, снобот кој пере пари преку кирии, метеората која од политичар со европска димензија, се потврди како најголем уништувач и сплеткар на СДСМ, денес, само е рурална марионетка на Заев?! И толку е од СДСМ“, напиша Мицковски во последната колумна на 15-ти мај, а само пет дена потоа објави дека му било соопштено дека соработката со порталот „Окно“ завршува.