Мицковски: Лагите не може да ги покријат очекувањата на граѓаните од новата влада и нејзините ветувања

Зоран Заев во вчерашното интервју како премиер на Владата на Република Македонија имаше несигурен и површен настап, без никаква суштина, со многу празнини во однос на политиките кои планира да ги реализира новата влада, истакна на денешната прес-конференција Христијан Мицковски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Синоќешниот настап во јавноста предизвика сериозна загриженост во однос на капацитетот на Заев и неговата влада заради правецот во кој што во иднина ќе се движи Република Македонија и упорно повторуваше дека е оптимист, но прашање е колку граѓаните може да бидат оптимисти, посочи Мицковски.
„Заев во вчерашното интервју лажеше. Лагите не може да ги покријат очекувањата на граѓаните од новата влада и ветувањата кои ги даваше. Лагите на Заев нема да го подобрат стандардот на граѓаните. Тие очекуваат од него да ги исполни ветувањата што ги даде пред избори, а не со манипулации и дезинформации да ги дефокусира од обврските кои ги презеде“, рече Мицковски.

Членот на раководното телот на најголемата парламентарна партија го обвини премиерот Заев дека лажел кога рекол дека „имаше луѓе“ од ВМРО-ДПМНЕ кои наводно во разговорите со СДСМ барале некаква амнестија.

„Човек што е двапати аболициран за криминал, веројатно со ваквите дезинформации сака да си подготви терен и за трета амнестија за случајот „Поткуп“. ВМРО-ДПМНЕ и досега во повеќе наврати демантираше дека воопшто се разговарало со Заев на оваа тема“, констатираше Мицковски.

Инститираше дека Заев излажал и дека во Буџетот се останати само 6 милиони евра и потсети дека новиот министер за финансии пред само два дена се пофали дека се исплатени околу 77 милиони евра од Буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии. Вистината е, рече Мицкоски, дека новата влада во Буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале.

„Заев лажеше дека јавниот долг изнесувал над 50 отсто од БДП, а дека скриениот долг изнесувал над милијарда евра. Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30.04.2017 година изнесувал 45,9 проценти. Со овие паушални бројки и лаги, Зоран Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки“, обвини повторно челнок на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Начинот на којшто Зоран Заев пристапува кон суштинските прашања е крајно несериозен и загрижува, предупреди Мицковски. Според него, опасно е човек на негова позиција да ги релативизира сите прашања и дека бега од конкретни одговори и одговорност.
„Граѓаните од него не очекуваат лаги и манипулации, туку очекуваат да ги исполни ветувањата што ги даваше пред избори. Граѓаните очекуваат Република Македонија час поскоро да стане членка на ЕУ и НАТО без да се задира во идентитетските прашања и без штетен договор кој би бил на грбот на македонскиот народ. Граѓаните очекуваат нови 500 километри автопат, а не лаги како изградбата на постојните била закочена. Граѓаните очекуваат 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари просечна плата. Граѓаните очекуваат економски раст од 5 отсто годишно и поврат на 15 отсто од ДДВ“, порача Мицковски и посочи дека досега може да се видат „само антиреформи“ и оти единствени чекори на новата влада се најави за уривање, блокади и укинување.