Мицковски: Невработеноста падна на рекордно најниско ниво, ВМРО-ДПМНЕ е горда на најновите податоци од ДЗС

Невработеноста падна на рекордно најниско ниво и сега изнесува 22,9 отсто, што е резултат кој директно влијае на стандардот на граѓаните и постигнување од кое сите имаат корист, истакна на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Истакна дека во тоа се состои разликата „меѓу напорното работење на ВМРО-ДПМНЕ и деструктивните политики на СДСМ“ и оти ваквите резултати не се постигнуваат со манипулации и креирање на лажни вести, туку со посветеност, знаење и работа.

„ВМРО-ДПМНЕ особено е горда на најновите податоци на Државниот завод за статистика кои говорат за невработеноста. Напорната работа, активните мерки за вработување, ниските даноци, политиката на странски инвестиции, поволната бизнис клима, оперативните планови на владата за вработување кои беа спроведувани изминативе години, придонесоа невработеноста да се намали на историски најниски 22,9 отосто“, рече Мицковски.

Потсети дека во 2006 година кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта од СДСМ, Македонија беше рекордер во Европа според највисоката стапка на невработеност којашто тогаш изнесуваше 38 отсто, што како што оцени Мицковски, е резултат на криминалната транзиција извршена од страна на СДСМ.

„Наша обврска и мотив беше таа невработеност да ја намалиме со креирање добра бизнис клима и отворање на нови работни места.Па така во периодот од 2006-та до денес отворени се нови 175.000 нови работни места. Дури и во услови на длабока политичка криза ние повторно работевме на намалување на невработеноста и само во последната година споредено првиот квартал од 2017-та со првиот квартал од 2016 година, отворени се 20.000 нови работни места, додека, пак, само во првиот квартал од 2017 година кога политичката криза кулминираше, благодарение на политиките на владата на ВМРО-ДПМНЕ се отворија 3.000 нови работни места споредено со четвртиот квартал од 2016 година“, рече Мицковски.

Намалувањето на невработеноста и отворањето на нови работни места во континуитет се спроведуваат изминативе десетина години, посочи членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и порача дека граѓаните и во иднина очекуваат мерки кои ќе го подобрат нивниот стандард, а не блокирање проекти и најави за уривање и укинување на корисни мерки.

„Граѓаните и во иднина очекуваат отворање на нови 64.000 работни места, просечна плата од 30.000 денари, минимална плата од 16.000 денари исто така во првата година, а докторите очекуваат плата од 100.000 денари. Граѓаните исто така очекуваат и стабилна економија и годишен раст комулативно секоја година од 5 отсто“, рече Мицковски.

Додадек дека ветувања дадени од страна на новата влада предводена од СДСМ мора да се реализираат со роковите коишто си ги зададоа како ветувањаа а не да се релативизираат.

„Граѓаните немаат време за чекање и водење гола политика и гол популизам.
Македонија се сака со дела, со многу работа и одрекувања“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.