Балкан

Мицотакис ја критикува Меркел за терминот „македонски премиер“

Мицотакис ја критикува Меркел за терминот „македонски премиер“

Ставот на германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин да го поздравува македонскиот премиер не е полезен во актуелниот политички, според лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, рече Кирјакос Мицотакис и порача дека „треба да се избегнува употребата на термините „Македонец“ и „Македонија“ за Скопје

„Ставот на Меркел не беше корисен во овој момент. Кога постојат отворени преговори и постои голема чувствителност кај јавното мислење, добро е да се избегнува употребата на терминот ‘Македонец’, ‘Македонија’ кога се однесува на ПЈРМ, на државата на Скопје. Го кажувам ова, бидејќи, ако нешто се покажа од овој случај, е дека постои голема патриотска чувствителност во денешното општество околу ова прашање и дека никој не може тоа да го игнорира. По осум години голема криза, Грците, во прашањата за нивниот национален идентитет се особено чувствителни. Сите Грци, не само Македонците“, рече Кирјакос Мицотакис во интервју за грчката телевизија SKAI, алудирајќи на Грците кои од северниот дел од земјата се самонарекуваат како Македонци.

Челникот на опозициската Нова демократија, упати остри критики и до грчкиот премиер Алексис Ципрас во однос на тоа како управува со прашањето за името, и вели дека Ципрас уште од почетокот води погрешна преговарачка политика, затоа што требало, според Мицотакис, уште на самиот почеток да побара уставни промени.

„Како почетна точка не ја постави суштината на прашањето. Која е суштината? Ако Скопје не го смени Уставот, не разговараме за ништо натаму. Ова, ние го кажавме од самиот почеток. Го поставивме како непрекршлив услов за било каков разговор. Господинот Ципрас, не го стори тоа. Па дури и господинот Заев јасно вели: Јас немам намера да го променам Уставот. Тогаш, за што точно разговараме? Јас ќе ви кажам за што разговара господинот Ципрас. За решение, што не е пакет решение, туку е решение на рати. Дава сѐ и купува на рати. Што купува? Да се договориме сега за името, без оглед кое ќе биде тоа, а потоа Скопје да преземе некои обврски“, вели Мицотакис.

Според опозицискиот лидер, договор со вакви одредби не е прифатлив за неговата партија, бидејќи не им служи на грчките национални интереси, а решението „мора да ги штити националните интереси, да се справува со прашањата со иредентизмот и да обезбеди дека сите промени што ќе се направат, ќе бидат промени во Уставот на Скопје“.