Мидлтон го донесе на свет „Неговото кралско височество принцот од Кембриџ“

Кејт Мидлтон, Војвотката од Кембриџ, се породи и на свет донесе син. Детето, чија титула е „Неговото кралско височество принцот од Кембриџ“, е петти по ред наследник на престолот и шести правнук на кралицата.  Новороденчето, кое е трето дете на Кетрин и војводата од Кембриџ, тежи 3,8 кг.

Во соопштението од Кенсингтонската палата се вели дека и Кетрин и нејзиниот нов син се добро.

По традиција раѓањето на третото дете на Кембриџови ќе биде обележано и со порака истакната на Бакингемската палата. Проглас за јавноста ќе биде поставен на украсен златен штафелај во дворот на палатата. Известувањето порано се пишуваше рачно, но сега е печатено.

 

Според претходните правила за наследување, принцот ќе ја „прескокнеше“ својата постара сестра, принцезата Шарлот, во линијата на сукцесија. Меѓутоа, со Законот за наследување на круната од 2013 година беше отстранета автоматската пристрасност кон машкото потомство, што значи дека кралските деца сега го наследуваат престолот строго според редоследот на раѓање.

Пред болницата во центарот на Лондон се собрани поддржувачите во очекување на објавувањето на раѓањето.

Кралската двојка допрва треба да го објави името на бебето. Откако се одлучи за традиционалните имиња Џорџ и Шарлот за првите две деца, се очекува Вилијам и Кејт и сега да ја почитуваат традицијата.

Артур – едно од средните имиња на таткото на Вилијам – е омилено име во обложувачниците, потоа Алберт, Фредерик, Џејмс и Филип.