Балкан

Се преврте гумен чамец со мигранти: Четири деца исчезнаа

Се преврте гумен чамец со мигранти: Четири деца исчезнаа
ФОТО: АФП

Четири деца исчезнаа откако гумен чамец со бегалци се преврте денеска во близина на грчкиот остров Самос.

Крајбрежната стража утрово лоцирала и спасила 24 лица, но четири деца и натаму се сметаат за исчезнати.

Покрај децата, за исчезната се води уште една возрасна личност, а спасувачката акција е во тек.

Овој нов инцидент се случува само една недела откако светската јавност остана шокирана кога безживотното тело на тригодишниот Ајлан, беше пронајдено на турскиот брег.

Момчето се удави заедно со неговата мајка и брат му, откако бродот се преврте на пат од Турција кон грчкиот остров Кос.

Меѓународната организација за миграција изјави дека околу 430.000 мигранти го преминале Медитеранот и пристигнале во Европа годинава, а околу 2.748 лица го загубиле животот или исчезнале.

Грчкиот министер задолжен за поморски работи Кристос Зоис, вчера изјави дека ситуацијата на островот Лезбос, кој беше преплавен од мигранти се нормализира.

Тој додаде  дека 22.500 мигранти и бегалци биле пренесени во Атина во текот на минатата недела.