Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала

Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала
Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала

По синоќешниот хаос, состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала.

Состојбата на просторот околу железничката и автобуската станица во Гевгелија е вратена во нормала за вакви околности. Имено, синоќа на споменатиот простор настана хаос кој беше предизвикан од толпата мигранти која вчера во попладневните часови го проби полицискиот кордон на граничната линија.

Состојбата со мигрантите во Гевгелија е вратена во нормала: Превезени 4.000 мигранти

Како што информира МИА, синоќа голем број мигранти, од три до четири илјади, со организиран железнички и автобуски превоз до раните утрински часови се превезуваа до Табановце.

Во превозот на мигрантите беа вклучени таксистите од Гевгелија, но и такси возила и комбиња од целата држава со цел да се помогне во транспортот на мигрантите кон северната граница.

Од железничка станица информираа дека утрово во 5 чаот и 30 минути кон Табановце заминал воз со околу 500 мигранти. Следниот воз кон Табановце, кој од Гевгелија тргна со мало задоцнување околу 10 часот и 30 минути го чекаа уште 700 мигранти. Нов воз од Гевгелија за Табановце ќе има денеска во 17 часот. Во текот на вчерашниот ден со три редовни и две вонредни линии, по железнички пат до Табановце биле транспортирани околу 1.500 мигранти, пишува МИА.

Голем број мигранти чекаат за влез во Македонија

МИА повикувајќи се на проценките на претставниците од УНХЦР, пишува дека во моментов голем број мигранти  чекаат влез во земјава и транспорт кон Србија, а просторот околу транспортниот центар во Гевгелија е рачистен од вчерашниот хаос.

Црвениот крст со медицинска и хуманитарна помош за мигрантите, фото: МИА
Црвениот крст со медицинска и хуманитарна помош за мигрантите, фото: МИА

Екипите на Црвениот крст вчера интервенирале околу 200 пати, а невладите организации поделиле повеќе од 2.000 пакети со храна и вода.

Чавков: Гевгеличани да бидат смирени

Министерот за внатрешни работи Митко Чавков синоќа во Гевгелија изјави дека полицискиот кордон кој вчера попладне беше пробиен од мигрантите кои се наоѓаат во пограничниот појас на грчко-македонската граница, не бил поставен со цел да ја затвори јужната граница со Грција, туку напротив со цел на поорганизиран и редуциран начин да се пропуштаат дел од мигрантите и да се врши соодветен трансфер до местата за регистрација и за јавен превоз.

Практично тоа беа планирани мерки и активности во контекст на оние две комплементарни цели кои си ги поставивме како Влада на Република Македонија. Примарната цел е хуманитарен пристап или соодветно хуманитарно згрижување на мигрантите за што сведочи и бројката на мигранти кои во текот на вчерашниот ден и од сабајле се трансферирани од граничен камен 59 до железничката станица во Гевгелија, каде што беа регистрирани и примарно згрижени околу 900 мигранти, претежно жени и деца како ранливи категории. Вториот аспект е безбедносниот, кој е неопходно потребен во контекст на мерките и активностите што ги презема Владата за заштита пред се на граѓаните во Гевгелија, рече синоќа министерот Чавков.

Во оваа прилика, тој ги повика жителите на Гевгелија да бидат смирени, притоа упатувајќи уверување дека на соодветен начин и со соодветен пристап ќе се успее да се амортизираат проблемите кои се наметнуваат од вчера.

Чавков: Гевгеличани да бидат смирени
Чавков: Гевгеличани да бидат смирени

Министерот Чавков укажа на фактот дека Македонија делува самостојно без никакво содејство од која било држава од ЕУ, а најмалку од страната на Грција.

И понатаму продолжува трендот на неконтролиран трансфер на мигранти од Грција спрема Македонија. Тоа е основната и главната причина да не можеме на соодветен начин да одговориме на тој неконтролиран трансфер. Неопходна е потреба од координација со грчките полициски структури, рече Чавков.

Министерот за внатрешни работи информира дека се подготвува една парцела која од државата е утврдена како парцела на која ќе треба да се врши регистрација на мигрантите.

Интенцијата ќе биде во близина на грчката граница да се создадат претпоставки и да се развијат капацитети за регистрација и за трансфер во јавниот превоз. На тој начин сакаме да ја амортизираме состојбата во Гевгелија и таму да обезбедиме нормален живот, а мигрантите да ги трансферираме во тој правец, истакна министерот Митко Чавков синоќа во Гевгелија.