Михајловиќ како во старите добри времиња

Сампдорија и Џенова одиграа 1:1 во градското дерби во рамките од последниот меч од 24.коло од Серие А.

По последниот свиреж на судијата во центарот на вниманието се најде тренерот на Сампдорија Синиша Михајловиќ кој нападна свој играч. Имено, српскиот стратег беше лут на Васко Реџини кој во последните моменти од натпреварот направи прекршок за слободен удар од кој Џенова за малку стигна до победа.

Михајловиќ по означувањето на крајот на мечот влета на теренот и го фати за дресот својот играч, а потоа го турна. Секако поголем инцидент спречија останатите играчи на Сампдорија.

Веднаш по инцидентот се огласи и самиот Михајловиќ, кој изјави дека разбира доколку некој фудбалер направи грешка на теренот, но не разбира како постојано на еден ист фудбалер му се случуваат вакви работи. Според српскиот тренер, потезите на Реџини се недостаток на карактер, што е неопходно за да се игра фудбал на највисоко ниво.