Михајловски: Македонија не е само збор, тоа е крвта на нашите дедовци, тоа сме ние и нашите деца

Да им покажеме дека и ние сме народ, дека ја сакаме оваа земја и ако треба да ја браниме, се ќе правиме, па дури и сопствените животи да ги положиме, оти Македонија тоа не е збор, тоа не се само букви, тоа е крвта на нашите дедовци, тоа сме ние и нашите деца. За нив сме спремни да се собереме за секого и за Македонија засекогаш.

Ова вечерва го изјави актерот Тони Михајловски, на големиот народен собир на ГДОМ.

Само ако го отвори прозорчето на Бихаќка ќе слушне. Само ако тропнеме со ногата ќе му се истури кафето на бирото. А ние вечерва сме дојдени и не носиме фантомки на лицата, ние не се плашиме и ништо лошо не мислиме да направиме. Ние сме дојдени за љубов за сакање, секогаш. Многу срца бијат за оваа земја, би сакале сите срца кои ќе се родат понатаму да живеат во мир и просперитет, да имаат иднина и да се викаат Македонци. Затоа им порачуваме дојдовме колку што дојдовме, ќе дојдеме уште повеќе! И повторно ќе ви кажеме, само со љубов, само со мир, само со разбирање можеме да ја решиме работата. Еднаш ни го украдовте сонцето, ова не ви го даваме да ни го земете. Некој сака да ни го снема небото, името, нас. Гадно се излажал во своите пресметки. Ќе постоиме оти сме постоеле отсекогаш, Македонија е света земја и Господ не чува. Да им порачаме дека не се плашиме и повторно, во нашите срца имаме љубов и мир и место за простување. Дојдете на вистинската страна, на страната на Македонија и нејзиниот народ. Само оној избран од овој народ може да ја води оваа земја. Да живее Република Македонија, рече Михајловски.