Михајловски: Oд нашите злотвори најмногу патиме

Најмногу од се сум горд на тоа што сум Македонец.  За моите 47 години не сретнав поубава земја од мојата. Не најдов помил народ од мојот народ македонски. Не слушнав поубав јазик од нашиот јазик-македонскиот.

Со овие зборови актерот Тони Михајловски го започна својот говор на трибината на граѓанското движење за одбрана на Македонија која вечерва се одржува во Автокоманда.

-Му даваме поддршка на секој оној кој сака да ја реши оваа ситуација во која сме доведени до сега,  со правните институции кои му се на располагање. Им даваме тотална поддршка на оние на кои 9 години им ја даваме да го затворат секој предавник на Македонија. Да го тргнат од оваа земја и секој што работи против оваа земја да биде казнет и тоа на начин на којшто нема да се сети повторно да го прави тоа. Бидејќи ние од нашите злотвори најмногу патиме. Не постои народ на светот кој видел толку зло од редовите на сопствениот народ. И повторно ќе кажам- имаме ние љубов за нив, нека се свестат што прават, нека се вратат и ќе им простиме. Треба да си ја одлежат казната, но тоа не значи дека ќе ги мразиме, рече Михајловски.

Тој потсети дека ГДОМ е направено со љубов и од љубов кон сопствениот народ.

„Македонија се сака со дела, со душа и со срце“-порача актерот.