Михајловски: Проклети да сте вие што земавте пушка за да го убивате мојот народ

Актерот Тони Михајловски на социјалната мрежа Фејсбук напиша трогателен статус посветен на нападот во Куманово и загинувањето на осуммината македонски бранители.

„Проклети да сте вие што земавте пушка за да го убивате мојот народ. Раката да ви се исуши. Вие, што ги убивте таковците на децата од мојот народ. Им ги убивте заштитниците. Им ја исековте раката што требаше да ги брани од секое зло. Им ја одзедовте најубавата приказна за успивање. Прегратката татковска. Онаа од која бега секој страв детски. Ги оставивте без оној што требаше да ги научи како во животот. Проклети да сте што наместо татко им понудивте мермерна плоча и пресен гроб. Им оставивте нема слика, што ќе ја стискаат на своите детски гради, и солзи наместо топлина и љубов.

Проклети да сте вие кои ги расплакавте мајките на мојот народ. Очите да ви истечат. Најубавото на мајка го убивте. Она над кое што се надвивала како птица над него да го заштити од неговото раѓање. Им ги откорнавте срцата сурово и душмански, и во градите им засадивте само чемер и јад. Јадигари бедни. Им го одзедовте сонот. Пукавте во нивните насмевки, сонца, јунаци и гордоста мајкина. И ги убивте. Проклети да сте.Од кај дојдовте да не дојдевте.

Проклети да сте и вие кои им помогнавте во тоа. Вие сте нивната продолжена рака. Срам и арам да ви е. Имате ли вие душа? Има ли љубов во вас? Рацете да ви се исушат, очите да ви истечат, ушите да ви зараснат а устата да ви онеме. За да можете да живеете само од љубовта и грижата на оние кои ве сакаат“, пишува Михајловски на својот ФБ профил.