Михо Михов: Кризата во Македонија не е закана за Бугарија

Комисијата за одбрана при бугарскиот Парламент, оцени дека нема потреба од испраќање и присуство на бугарската војска на границата со соседна Македонија.

Како што пренесува Бугарската национална телевизја (БНТ), Комисијата заклучила дека на границата треба да има воено засилување во случај на поголема и подлабока криза, или при раширени воени дејствија во соседството, како и при евентуален, наплив на бегалци.

– Кризата во Македонија не е закана за Бугарија и поради тоа нема потреба на границата да бидат испраќани војници – изјави претседателот на парламентарната комисија за одбрана генерал Михо Михов.

– Каква закана има? Има ли трупање војска или нешто слично? Миграционата река не е задача на бугарската армија. Случај со миграциона река решаваше бугарската војска многу одамна, кон крјаот на минатиот век – во 1999 година. Тогаш миграционата река беше во насока од Косово и бугарската војска формираше камп во селото радуша. Македонија се уште е унитарна држава, со албанско население кои се македонски државјани. Можам да кажам дека нема таква закана кон бугарската граница – ја пренесува бугарски „Дневник“ изјавата на поранешниот началник на бугарскиот Генералштаб.

Оваа изјава доаѓа по онаа на бугарскиот премиер Бојко Борисов во Парламентот во Софија, во која тој рече дека војската и специјалните сили се подготвени за евентуално влошување на ситуацијата во Македонија.

На пратеничко прашање, Борисов, меѓутоа, рече дека на бугарско-македонската граница има војници и дека се воведени засилени безбедносни мерки, за да бидат таму за „не дај боже ситуација“.

Бугарскиот премиер ги извести пратениците дека Владата се согласила оти во случај на потреба, во Бугарија ќе им биде дозволен влезот на сите 90 илјади носители на бугарски пасоши во Македонија кои ќе побараат да се засолнат на бугарската територија.