Мијалковски: Постои само еден мирен начин сите овие илјадници граѓани да си заминат од улиците, а тоа се нови парламентарни избори

Драги браќа и сестри повторно дојдовме пред македонското собрание пред нашето народно собрание за јасно и гласно да им кажеме дека нема да им дозволиме ниту една политичка партија со пост изборна измама да дојде на власт, рече Дарко Мијалковски од пред собранието на Македонија.

-Како што гледате нашите мирнипротести вродија со плод, успеавме неразумните политичари да ги спречиме во нивните нечесни намери, немаме претседател на собранието и немаме влада скроени по теркот на Тирана, нема ниту да ги имаме. Повеќе од педесет дена баравме од политичарите кои ја создадоа оваа криза да излезат пред народот и да се откажат од Тиранската платформа. Сите ние сакаме оваа криза што побрзо да заврши, затоа го предлагаме фер и демократското решение, а тоа се предвремени парламентарни избори. Господа политичари ако не ви ејасно ќе ви повториме, Тиранската платформа нема да ја има, нови предвремени избори во Република Македонија ќе има. Вашата желба за коалиција со албанскиот блок има многу висока цена, зборувате за поддршка од 700-ни илјади гласови но заборавивте дека ниту еден од нив не беше даден за поддршка на платформата од Тирана, потенцираше Мијалковски.

Тој истакна и дека тие се тука и денес и утре, а тука ќе бидат и во иднина, бидејќи прашањата за името, знамето и химната не смеат да бидат предмет на партиско пазарење. За таквите прашања само народот има право да одлучува и тоа само преку организирање на референдум, вели тој.

-Овој народ не е ниту глув ниту слеп, нам ни е јасно каква игра играте, а во битката за власт заборавивте на македонскиот народ и држава. Растурањето на државата по секоја цена е нешто што нема да ви помине, револтот кај народот од ден на ден е се поголем и постои само еден мирен начин за овие илјадници граѓани да си одат од улиците, а тоа е нови предвтремени парламентарни избори. Покажете дека работите во интерес на народот затоа впрочем земате плата од нас, на избори се плашат да излезат само оние кои што се плашат дека ќе изгубат, порача Мијалковски.