Мико: САД и сојузниците да се заложат Македонија да го добие заслуженото

Американскиот аналитичар Џејсон Мико, во интервју за Програмата „Гласот на народот“ на ТВ Сонце порача САД и другите НАТО земји да инсистираат и да бараат Македонија да си го добие вистинското место, потенцирајќи дека тоа нема да ја повреди Грција, а ќе биде поттик и засилување на НАТО Алијансата.

Македонија заслужи да влезе во НАТО уште во 2008.

Коментирајќи го тоа што во Грција расте уверувањето дека САД и Германија сакаат да ја поканат Македонија во НАТО под уставното име, Мико вели дека искрено се надева оти САД го охрабрува тоа.

– Прво, Македонија веќе ги исполни сите услови потребни да се приклучи кон НАТО и го заслужи столчето уште во 2008 година. Второ, Македонија може да биде поканета да се приклучи на НАТО во секое време на кој било состанок на Северноатланскиот Совет. САД и Германија и останатите може само да инсистираат земјата да стане членка. Македонија веќе се изјасни дека сака да членува под уставното име, но и под привремената референца, наведува Мико.

Реалноста е дека Македонија постои

Запрашан за изјавата на грчкиот претседател Павлопулос дека Македонија била и ќе остане грчка, американскиот аналитичар со одговор дека Македонија постои и е реалност.

– Она што е важно е поголемиот дел од светот да ја признае Македонија под уставното име и да го признае идентитетот на Македонците. Грчкиот претседател може да каже што сака, но вистината останува – Македонија постои, истакнува Мико.

Опозицијата игра валкано бидејќи знае дека не може да победи

Осврнувајќи се на политичките случувања во Македонија, Мико оценува дека опозицијата почнала, како што вели, „да игра валкано оти сфатила дека не може да победи“.

– Најважно прашање е зошто, СДСМ не може да победи на изборите? Одговорот, се разбира е затоа што или немаат добри идеи со кои луѓето се согласуваат или имале лоши идеи во минатото кои се докажале дека се неуспешни и во целиот свет. Зоран Заев и СДСМ ја објавија „Визијата за Македонија“, платформата за фер дистрибуција на приходот. Тоа е пропадната социјалистичка идеја од минатото, иако има доста социјалисти во светот кои веруваат во дисрибуцијата на доходот. Моето прашање до Заев е – што е фер? Кој одредува што е фер и како ќе го дистрибуирате приходот? Како ќе го остварите ова со идејата на слободна пазарна економија?, потенцира Мико.

Тој не верува во тврдењата дека актуелните случувања во земјава се затоа што Македонија го поддржа проектот Турски поток.

– Сум го слушнал ова, но не верувам. Ова се случува поради многу фактори, но ништо нема врска со теорија на заговор. Тие теории се добри, но јас не ги купувам. Светот е сложено место, смета Мико.

Мико: Македонија подемократска од која било членка на ЕУ

Во однос на бегалската криза, според американскиот аналитичар, Македонија повторно докажала дека е поевропска и подемократска од која било членка на ЕУ.

– Македонија ги отвори портите за мигрантите, додека некои посилни земји почнаа да градат ѕидови. Но, дали Македонија и Владата треба да бидат ставани во ситуација на притисок и понижување од другите?. Македонија докажа дека може да им помага на другите, па и на бегалците и за тоа најголем пример е косовската бегалска криза кога земјата ги отвори вратите за повеќе од 360.000 бегалци од Косово. И сега земјата прави што може, вели Мико во интервју за „Гласот на народот“ на ТВ Сонце.