Милан го сака шпанскиот голман Реина

Калчолигашот Милан сериозно е заинтересиран за доведување на голманот Пепе Реина, објави „Скај Италија“.

Шпанскиот чувар на мрежата брани за Наполи како позајмен играч од Ливерпул. Постоеја шанси тој да се врати на „Енфилд Роу“, но до тоа не дојде.

Поради откажувањето на Ливерпул од неговите услуги се појавија шпекулации за негов трансфер во друг клуб, а најмногу заинтересиран е Милан кој е подготвен да стапи во преговори за откуп на договорот на Шпанецот.

31-годишниот Реина професионалната кариера ја почна во Барселона, најпрво во Ц и Б тимот, а од 2000 до 2002 година беше член на најсилниот состав на Каталонците.

Следните три години бранеше во Виљареал, а од 2005 година е член на Ливерпул. Минатата сезона Реина како позајмен играч беше на голот на Наполи.