Милан посрамен на „Сан Сиро“ од отпишаниот Беневенто

Во дуелот од 34-то коло од италијанската лига последнопласираниот Беневенто на милански „Сан Сиро“ го совлада со 1:0 и сега ги врати теоретските шанси за опстанок.

Милан го одигра најлошиот натпревар сезонава, а Беневенто неочекувано дојде до победата. Меѓутоа, треба да се потсети дека во есенскиот дел од сезоната во 15-то коло, Беневенто го освои првиот бод во Серија А сезонава токму против денешниот противник на домашен терен, кога во последните секунди голманот Алберто Бриљоли постигна израмнување 2:2.

Во саботата во 29 минута Пјеро Иемело ги шокираше навивачите на „росонерите“ постигнувајќи гол за Беневенто од единствената шанса на мечот за гостите, кои од 80 минута играа без исклучениот бек Дијабате.

Милан е шести со 54 бодови, два повеќе од Аталанта која има меч помалку,. Беневенто од почетокот на првенството е на последното место, но сега има 17 бодови и тешко ќе го сочува прволигашкиот статус. Имено зад местото коешто обезбедува опстанок, на кое сега е СПАЛ кој има 29 бодови и ќе треба да ги загуби сите четири мечеви до крајот а Беневенто да ги добие.

СПАЛ пак во првиот дуел од саботната програма во Серија А загуби на гостувањето кај Рома со 3:0. „Волчицата“, за којашто стрелци беа Викари кој постигна автогол во 33 минута и Чехот Патрик Шик во 52 и 60 минута, сега има 67 бодови и привремено се качи на третото место пред градскиот ривал Лацио кој има три бода но и меч помалку.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.