Милан пресилен за Шкендија

Македонскиот вицепрвак Шкендија во четвтокот вечерта го доживеа најтешкиот пораз во меѓународните настапи во клупската историја, откако во Милано беше поразена од италијанскиот гигант Милан со 0:6 (0:3)во првиот плеј-оф меч за Лига Европа и за формален реванш по седум дена во Скопје.

По два гола за „росонерите“ постигнаа Андре Силва, во 13 и 28 минута и Рикардо Монтоливо, во 25 и 85 минута, по еднаш Захов го совладаа и Фабио Борини во 67 минута и Лука Антонели во 69 минута.

Дека нема да препушти ништо на случајот, Винченцо Монтела најави со самиот избор на фудбалери за официјалниот протокол. Потегот да одигра со најдобрите играчи што ги има на располагање јасно укажа дека има намера да заврши работа уште на првиот натпревар од двомечот.

Седумкратниот европски првак немилосрдно ја полнеше мрежата на тетовци за повеќе од заслужена победа на крајот и мирни подготовки за новата сезона во Серија А и, секако, есенските настапи во групната фаза во Лига Европа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.