Милан Талевски за „Прес 24“: Независноста беше наздравена со македонско вино

Милан Талевски е Претседателот на Собранието на Град Скопје во референдумската 1991 година. Еден од оние кои вечерта на 8-ми септември е на бината на градскиот плоштад, воедно и еден од најзаслужните за спонтаната организација на прославата на плоштадот. Човекот со црна коса, наочари и бркови од фотографиите од 1991 година е оној кој всушност го донел и виното и чашите од кои дел од тогашна политичка елита наздрави за независноста на Македонија. Инсистирал тоа да биде македонско вино.

Во интервју за „Прес 24“, Милан Талевски прв пат по 25 години зборува за настаните и доживувањата од таа вечер. Вели: „се се случуваше спонтано“

ПРЕС24: Вие сте еден од оние политичари кои се на онаа историска фотографија од плоштадот Македонија вечерта на 8-ми Септември. Се сеќавате ли како изгледаше Скопје таа вечер?

ТАЛЕВСКИ: Вечерта, односно денот на прогласувањето на самостојна и суверена Македонија на Градскиот плоштад беше една голема свеченост. Голема веселба, еден голем ентузијазам. И сега кога зборувам со вас, како да го доживувам тој момент. Едноставно, таа вечер е неповторлива, таа возбуда… Имаше многу луѓе присутни таа вечер на Плоштадот. Можеби и повеќе од 30 илјади луѓе, но кој тоа го гледал и броел тогаш… Во тој историски момент мореше некако да се снаоѓаме бидејќи немаше никаков протокол…

ova

ПРЕС24: Да, како всушност се случи организацијата таа вечер?

ТАЛЕВСКИ: Како се случи! До некаде околу 17 часот ние имавме некои опипливи резултати од излезеноста на граѓаните. Во Скопје имавме договор, оние пет општини, (тогаш беа пет општини и Градот Скопје), во општина Центар да ги сумираме резултатите и јас како одговорен на тоа тело да ги соопштам резултатите. Првите резултати ги имав веќе околу 22:40 и тие беа соопштени на една репортажна кола на „Македонското радио“, лево од бината што беше поставена. Потоа кога се качивме на бината, целиот републички врв дојде од страната на Метропол…

ПРЕС24: Таа вечер беше организирана или прославата дојде како резултат на спонтаност?

ТАЛЕВСКИ: Колку што мене ме држи сеќавањето пред 20, или 20 часот и 30 минути имаше многу малку луѓе на плоштадот затоа што се правеше бината. Мирко Стефановски, одговорен за културно просветна заедница на Град Скопје доби упатства. Во таа работа беше вклучен и Мартин Треневски, како одговорен на ниво на Републиката. Тогаш насоките беа набрзина да се направи една бина. Таа бина беше многу едноставно и набрзина направена. За два часа. Значи од 17 и некоја минута дадена задача, бидејќи ние не знаевме ништо, ниту дали ќе помине и што ќе биде со Референдумот, особено што имаше и дилеми кај луѓето, но народот си го кажа своето. И тогаш се направи таа бина без некој посебен протокол, ние тоа воопшто не го подготвуваме.

ПРЕС24: Немаше никакво сценарио?

ТАЛЕВСКИ: Не.. не.. никакво сценарио.. Сето тоа дојде спонтано, народот се собра… Почнаа некои музички точки, народот пееше…

ПРЕС24: Музичарите, пејачите како беа организирани?

ТАЛЕВСКИ: Се беше спонтано… јас таму дојдов околу 23 часот и 20 минути…

ПРЕС24: Кој дојде прв од политичарите таа вечер на плоштадот?

ТАЛЕВСКИ: Генерално сите околу 23 и нешто. Политичарите се качуваа од страната на Метропол, а јас на бината се качував од оваа страна… и тогаш почнаа честитањата… Потоа претседателот на Републичката изборна комисија, Коневски почна да ги чита резултатите…

ПРЕС24: Имаше ли организирано кои од политичарите ќе дојдат, на сликите од таа вечер има многу политичари од тогашниот државен врв кои не дојдоа?

ТАЛЕВСКИ: Па погледнете ги сликите и ќе видите колку вкупно функционери има. Колку што јас знам, Мијалков, министерот Мијалков и министерот Наумов, со заеднички сили го убедиле Претседателот Киро Глигоров да се појави на бината… Тој сепак е Претседател на држава и тој мораше да излезе и да го соопшти тоа. Јас тогаш не видов никој друг од оној друг политички блок…

ПРЕС24: Го нема ниту претседателот на Собранието, Стојан Андов…

ТАЛЕВСКИ: Неее… немаше никој…Еве ги сликите кажуваат… но никој за тоа тогаш не мислеше… Во таа еуфорија важно беше да заврши чинот и сето тоа да се прогласи до 23 часот и 59 минути за да не не фати 9 септември, денот на ослободување на источните комшии… Ентузијазмот, еланот, желбата на граѓаните за независност на Македонија стана реалност. Искрено, тој резултат сите ние потајно го очекувавме…

ПРЕС24: Какви беа чувствата на луѓето горе на бината?

ТАЛЕВСКИ: Неповторливи…разиграни… Откако Претседателот Глигоров кажа „нека е честита суверена и независна Македонија“ почна славењето.. имаше и вино за наздравување…

ПРЕС24: Ода каде се најде виното?

ТАЛЕВСКИ: Двете шишиња шампањско од десната страна беа донесени од Метропол, а јас од другата страна донесов едно или две шишиња „Повардарски бисер“ за да наздравиме… Тоа шише се гледа во рацете на Ченто…

ПРЕС24: Значи независноста е залена со македонско вино?

ТАЛЕВСКИ: Да! Со македонско вино, „Повардарски бисер“, а шампањското што го отвори Претседателот на Владата Никола Ќусев, беше отворено, но тоа остана долу, а чашите кои беа наполнети, осум вкупно на број, се наполнети со „Повардарски бисер“. Сето тоа со чашите и виното го организирав јас лично… едноставно е. Каде и да одите во една таква еуфорија знаете дека ќе се случи нешто и секако ќе се наздравува…

Целото интервју прочитајте го на „Прес 24