Милано: Путин задоцнил заради српската парада, Меркел го чекала четири часа

Рускиот претседател Владимир Путин кој во Милано присуствува на Азиско-европскиот самит (АСЕМ) и покрај доцнењето, одржа повеќе неформални состаноци со европските лидери, јавија италијанските медиуми.
Путин, пред свечената вечера по повод отворањето на Самитот требал да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел, но доцнел поради посетата на Белград.

Тој не само што не стигнал на средбата со Меркел туку ја пропуштил и здравицата за добредојде на вечерата, чијшто домаќин бил италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, а на која се собраа повеќе од 50 високи светски официјални лица, пренесува АП.

Рускиот престедател влегол во просторијата во моментот кога говорот го држел претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј.На маргините на вечерата, Путин кратко разговарал со претседателите и премиерите на повеќе странски држави, по што започнал состанокот со Наполитано.

Путин и Меркел се сретнале после вечерата, четири часа откако првично било планирано.
Но, Меркел не била единствена која го чекала Путин да се сретнат, и поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, исто така чекал да се сретне со својот стар пријател.