Милановиќ: ЕУ мора похрабро да исчекори кон Балканот

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ оцени дека Европската унија мора похрабро да исчекори кон земјите од југоисточна Европа, ојави МИА.

Милановиќ смета дека тое е геополитички неопходно и најделотворно средство за смирување на сите видови тензии на овие простори.

– Немаме амбиција да бидеме т.н. регионален лидер, ниту нечиј тутор или спонзор. Сакаме да бидеме пример во изградбата на стабилни демократски држави во кои живеат слободни и задоволни луѓе. Сакаме да бидеме пријател на кого можат да се потпрат, што и докажавме во текот на неодамнешните поплави што силно ги погодија и Србија и Босна и Херцеговина, рече Милановиќ во Саборот, каде го претстави годишниот извештај за работата на Владата.

Премиерот истакна дека Хрватска, како членка на ЕУ, го засилува своето влијание на креирањето на заеднички европски ставови, посебно кога станува збор за регионот. Таа, покрај останатите, ја отпочна иницијативата за проакативен европски пристап на БиХ.

– Нас не не мотивира само грижата за политичката и економската положба на Хрватите во БиХ, нашиот најголем интерес се стабилното и безбедно опкружување, порача Милановиќ.

Во говорот, хрватскиот премиер укажа на важноста од заштитата на правата на националните малцинства, но и на другите малцински општествени групи. Тој истакна дека една од трајните и највозвишени работи на секоја хрватска власт е сузбивањето на омразата кон другите и поинаквите.

Како пример за заштита на малцинските групи Милановиќ го наведе донесувањето на Законот за животно партнерство за лицата од ист пол.

– Ќе ги искористите сите легални и демократски средства за да ја одбраниме Хрватска од оние на кои ширењето на омразата и сомничавоста кон различностите им е средство за остварување на политичките цели и приватни придобивки, нагласи Милановиќ.

Премиерот оцени дека Хрватска е неспоредливо подобра и постабилна земја „отколку што денеска во Хрватска е популарно да се зборува“.