Балкан

Милановиќ: Со демонстрантите ќе водиме разговори, а не преговори

Милановиќ: Со демонстрантите ќе водиме разговори, а не преговори

Во Загреб ќе се одржи средба помеѓу хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, министерот на бранителите Предраг Матиќ и министерот за одбрана Анте Котромановиќ од една и воените ветерани од друга страна. Поводот е тоа што во петокот, по повеќе од 200 денови протести во шатори пред ресорното министерство, се судрија со полицијата.

Веднаш по тој судир, премиерот Милановиќ преку вонредна конференција за новинари ги повика демонстрантите на средба, на која ќе продискутираат за нивните права и барањето за смена на министерот Матиќ.

Како што пренесе Индекс.хр, во името на ветераните на состанокот пристигнале Ѓуро Глогошки, Јосип Клем, Дражимир Јукиќ и Тихомир Трешчец, а особено внимание привлекле Глогошки, Клем и Јукиќ кои дошле во униформи.

Министерот на бранителите Предраг Матиќ во изјава за ХРТ изјави дека очекува разговор во врска со проблематиките кои се причина за седуммесечните протести.

“Едвај чекам хрватската јавност да ги слушне аргументите на бранителите и нашите аргументи. Најавивме дека ултиматуми нема да има и дека истите нема да бидат прифатени”, нагласи Матиќ кој оцени дека протестантите се изманипулирани.

Милановиќ најави дека со преставниците на воените ветерани нема да има преговори, туку исклучиво дијалог.

“Ние не одиме да преговараме. Одиме да разговараме. Тоа ќе биде разговор во кој главниот збор ќе го има министерот Матиќ”, истакна премиерот.

zoran-milanovic

На вонредната конференција за новинарите, Милановиќ се согласи да разговара со ветераните, но додаде дека протестите имаат политичка позадина, односно дека зад нив стои опозиционата ХДЗ, поврзаност која лидерот на партијата Томислав Кармарко го негираше.