Милчо Манчевски одржа предавање на академијата „Лондон филм скул“

Режисерот Милчо Манчевски одржа предавање во реномираната британска филмска академија „Лондон филм скул“ во Ковент Гарден во Лондон.

На покана од академијата и од катедрата за сценарио, Манчевски одржа предавање под наслов „Сценарист или режисер: Уметност – подобрување на вистината?“.  Предавањето и разговорот со студентите се однесуваа на темата на преточување на пишаната форма (сценарио) во визуелна форма (филм), видено низ призма на опусот на Манчевски.

Претходно за студентите беа прикажани филмовите на Манчевски Пред дождот, Прашина, Сенки и Мајки, како и неговата работа на американската тв серија The Wire (Жица) снимена за каналот HBO (Ејч-Би-О).  На претходните часови студентите беа запознаени и со последното излагање на Манчевски како воведен говорник на конференцијата „Светска мрежа на сценарио“ во Потсдам, Германија, под наслов „Зошто сакам да пишувам и мразам да режирам“.

Раководител на ценатата „Лондон филм скул“ е легендарниот британски режисер Мајк Ли. Академијата следната година ќе одбележи 60 години постоење.

Меѓу бројните досегашни предавања на Манчевски, најзабележани се раководењето со Катедрата за режија на постдипломските студии при Њујоршкиот универзитет, предавањата и продукциските проекти на рускиот државен универзитет ВГИК во Москва (каде на Манчевски му беше доделен почесен докторат), Кембриџ, Јејл, Кинотеката во Ханој, Кинотеката во Болоња, германскиот државен филмски универзитет Бабелсберг (Германија), Бразил, Сингапур, Индија, итн.