Миле Кузмановски утре во Стар Дојран

Граѓаните и туристите во општините Дојран, Берово, Ресен и Крушево, ова лето имаат можност да уживаат во богата културно-уметничка програма.

Од министерството за култура информираат дека во Крушево градот на културата за 2014 година во тек е манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ во чии рамки вечерва на градскиот плоштад со почеток во 20.30 часот со богата културно-уметничка програма ќе се претстави општината Маврово-Ростуше. Во текот на утрешниот ден пак на истата локација со почеток во 20 часот аматерска театарска група при домот на културата во Македонски брод за сите љубители на театарската уметност ќе ја изведе претставата „Чорбаџи Теодос“, а потоа ќе настапи културно уметничкото друштво „7-ми Септември“ чии членови ќе исполнат народни песни и ора од поречието. Во Крушево во Домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ во тек е и Летниот саем на книгата кој трае до 15 август.

Популарниот фолк-пејач Миле Кузмановски утревечер ( 8 август) во рамки на Културното лето, на плоштадот „Под јаворите“ во Стар Дојран во 21 часот ќе одржи свој солистички концерт.