Милевски ги собра најквалитетните достапни надежи со кои ќе игра против Украина и Австралија

Милевски го соопшти списокот на фудбалери кои ќе се спротистават на Украина

Милевски го собра најквалитетното во моментов од нашите надежи, дополнето и со веќе најавениот “австралиски двоец”, Филип Петрески од Мелбурн и Никола Кулески од Сиднеј.

Нема големи промени во списокот во однос на досегашните мечеви, со тоа што се враќаат Илиев, Барди, Аврамовски и Имери, а ново име е Мурати од Шкупи. Доријан Бабунски и Александар Пивковски не се повикани бидејќи сеуште се во потрага по нови средини. Не очекува пресметка со силната селекција на Украина. Добро е анализаран противникот, има одлични играчи кои настапуваат во украинските прволигашки клубови. Тоа што може да го ветиме е дека сигурно ќе биде даден максимумот против Украинците и ќе одиграме подобро со подобар резултат во однос на Исланд, истакна при денешното соопштување на списокот, селекторот Благоја Милевски.

Дуелот со Украина ќе се игра на новоизградениот стадион на тренинг центарот “Петар Милошевски”, кој ќе биде официјално отворен токму на овој дуел на 5-ти септември. Влезот за сите љубители на фудбалот ќе биде бесплатен. Пријателскиот натпревар со Австралија на 7-ти септември, исто така ќе се одигра на тренинг центарот “Петар Милошевски“.

Младинците ќе се подготвуваат на новиот тренинг центар "Петар Милошевски"
Младинците ќе се подготвуваат на новиот тренинг центар “Петар Милошевски”

Селекцијата на Македонија до 21 година првиот собир пред почетокот на квалификациите ќе го има во хотелот “Александар Палас” на 31 август во 10:30 часот. Репрезентацијата предводена од Благоја Милевски тренинзите ќе ги одржи на тренинг центаротПетар Милошевски” од 31-ви август до 4-ти септември.

Списокот на Милевски за квалификацискиот натпревар со Украина:

Голмани: Дени Илиев (Арсенал), Игор Алексовски (Македонија ЃП), Дамјан Шишковски (Работнички)

Одбрана: Ѓоков Зајков (Шарлероа), Дарко Велковски (Вардар), Филип Ристовски (Металург), Бесир Демири (Шкендија), Висар Муслиу (Ренова), Мевљан Мурати (Шкупи), Филип Петрески (Мелбурн), Леон Најдовски (Работнички)

Среден ред: Бобан Николов (Вардар), Давид Бабунски (Барселона), Бурхан Мустафов (Пелистер), Даниел Аврамовски (ОФК Београд), Никола Кулески (Сиднеј), Енис Барди (Ујпешт)

Напад: Валмир Нафиу (АПОЕЛ), Марјан Радески (Шкендија), Кире Маркоски (Работнички), Христијан Денковски (Гронинген), Демир Имер (Хоризонт), Виктор Ангелов (Металург)