Милијардер сака да купи остров во Медитеранот за бегалци

Милијардер од Египет планира да купи остров покрај бреговите на Италија или Грција и да ги смести на него стотиците илјади бегалци.

– Грција и Италија, продајте ми остров, ќе ја прогласам неговата независност и ќе примам бегалци, ќе им дадам работа преку изградба на нивната нова земја, објави на Твитер бизнисменот Нагиб Сауирис.

– Секако дека тоа може да се оствари, додаде тој.

Тој истакна дека Грција и Италија имаат десетици пусти острови, кои можат да примат стотици илјади бегалци.

Сауирис изјави дека се поврзал со Владите на Италија и Грција за да ја конкретизира оваа негова идеја.

Според него еден таков остров може да чини од десет милиони до сто милиони долари, но главното прашање се инвестициите во инфраструктурата.

– Ќе има времени објекти за сместување на луѓето, а потоа тие самите ќе почнат да си ги градат живеалиштата, универзитетите и болниците, рече Сауирис.

– Доколку ситуацијата се подобри, секој кој сака да се врати во родната земја ќе може да го стори тоа, додаде тој.

Бизнименот истакна дека во најмала рака во таа држава сите бегалци ќе бидат третирани како луѓе, а не како стока.