Македонија

Милион евра владини средства чекаат за проекти од Општина Куманово

Милион евра владини средства чекаат за проекти од Општина Куманово

Премиерот Никола Груевски денес изврши увид на повеќе владини проекти во општина Куманово и кумановско и оствари средби со жителите на повеќе населени места.

Денешната агенда започна со средба со жителите во населеното место Романовце, во кое со владини средства се изработува урбанистички план за населеното место во вредност од пет милиони денари. Жителите ја поздравија посетата на премиерот и можноста да поразговараат за повеќе проблеми. Посочија на големиот проблем што го имаат со канализација во населеното место.

Премиерот ги информираше дека Владата издвојува финансиски средства за решавање на вакви проблеми за жителите во населените места, но дека на последниот повик за финансиска поддршка градоначалникот на Куманово не доставил ниту еден проект, а вакви проекти во други општини се реализираат и по неколку проекти.

– Во Владата има планирано еден милион евра средства за поддршка на проекти во општина Куманово. Ако ова е приоритетот ние сме за да се поддржи. Тука треба да се достави проектот за канализацијата и барање.  Еве, да речеме, Општина Нагоричане, таа е доста помала од Куманово. Таа доби 600.000 евра затоа што аплицирале, побара и доби. Ако го добиеме проектот од градоначалникот со кој ќе бара канализација за Романовце ќе бидат одобрени средствата со кои ќе се изгради канализацијата, рече Груевски.

За канализацијата во Романовце премиерот информираше дека во Министерството за транспорт и врски има резервирано финансиски средства и ако градоначалникот направи проект Владата ќе даде финансии во висина од еден милион евра. Притоа премиерот апелираше до градоначалникот да го направи проектот што досега не го направил, да го донесе во Министерството за транспорт и врски и дека Владата ќе го финансира.

– Ние како Влада секоја година даваме одредени средства од Програмата за рурален развој на сите општини коишто ќе аплицираат со проект. За жал, Куманово не аплицирал со ниту еден проект да земе пари од Владата да направи канализација, водовод или нешто друго. Многу општини земаа по пола милион евра, милион евра или повеќе, за жал, Куманово не поднесе проект. Да поднесеше ќе добиеше. Струмица, да речеме, поднесе еден проект, можеше и повеќе, и ги добија средствата за тој проект. Други општини поднесоа за три, четири проекти и добија, потенцираше тој.

Премиерот Груевски ја продолжи посетата со средби со жителите на населбата Гоце Делчев и селата Пчиња, Никуљане, Младо и Старо Нагоричане.