Милион гласови за Венеција да се отцепи од Рим

Во Венеција од неделата се одржува неофицијален, петдневен онлајн референдум за отцепување од Рим, а организаторите тврдат дека до вчера до 18 часот гласале речиси еден милион жители.

Локалните активисти и партијата на италијанскиот регион Венета со Венеција како главен град го организираа онлајн референдумот за сецесија и прогласување на независна република Венета.
„Ако мнозинството гласа „за“ нашите експерти ќе напишат декларација за независност, а некои регионални фирми веќе најавија дека данокот ќе почне да се плаќа на локалните власти, а не на тие во Рим“, изјави Лодовико Пижати, портпарол на движењето за независност.

Голем дел од венетското население и италијанскиот северен дел долго време се незадоволни од односот на централната власт кон богатиот север. Тие оценуват дека плаќаат голем данок и оти парите одат за сиромашниот југ. Референдумот ќе трае до петок навечер, но нема обврзувачки карактер.

Венеција повеќе од илјада години беше независна, а последниот владетел Лодовико Манин абдицира во 1797 година кога Наполеон го освои градот.