Над пет милиони евра за инфраструктурни проекти во пет општини

Над пет милиони евра се предвидени за инфраструктурни проекти во регионот на Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и Македонски брод.

Паралелно со изградбата и владините инвестициите во автопатиштата и регионалните и магистралните патни правци во државата, Владата продолжува и со инвестиции за подобрување на локалната инфраструктура преку изградба на локални патишта, улици во населени места, канализациони и водоводни системи и инфраструктурни проекти до туристички знаменитости, пишува „Курир“.

Над пет милиони евра за проекти во Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца

За овој вид на проекти од локално значење на голем број граѓани, само за општините Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца во овој момент Владата има обезбедено 5,1 милиони евра.

За ова при поставувањето на камен темелник за изградба на фабрика на компанијата „ОДВ Електрик“, во Tехнолошко индустриската развојна зона Охрид-Струга информираше премиерот Груевски.

Во овој регион, регионот на Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани, предвидени се нешто над 5 милиони евра во инфраструктурни проекти, попрецизно 5.120.000 евра кои дел се од Програмата за рурален развој и се распределени на овие четири општини, а дел се директни инвестиции од страна на различни министерства како што е Министерството за транспорт, но и некои други министерства. И тоа е само за овој период. Внимаваме на овој регион доста, се трудиме што повеќе да донесеме средства и инвестиции во различни проекти кои се значајни за граѓаните како водоводи, канализациони мрежи, градба на други инфраструктурни проекти како патишта, локални патишта, регионални и така натаму. Тоа се 5 милиони кои директно ќе одат за развој на овие четири општини Охрид, Струга, Дебарца и Вевчани, рече премиерот Груевски.

Средствата се наменети за реализација на повеќе проекти. Во Охрид надградба и проширување на локален пат во Велестово, реконструкција на локален пат во населбата Рача, реконструкција на локалниот пат Косел-Вапила-Ливоишта и и зградба на фекална канализација за село Лескоец, II и III фаза

Во Струга ќе се реализираат изградба на локален пат Калишта-Радолишта, уредување на плоштад и шеталиште во населено место Ливада, изградба на пристапен пат до Јабланица, изградба на улица во Велешта, Локален пат Логожда-Ново Село-Ливада, изградба на локален пат Долна Белица- Октиси, изградба на транзитен цевковод за фекална канализација за селата Лозани, Биџево, Ливада, Делогоџа, Корошишта и пумпна станица с.Ложани.

Во Дебарца предвидена е изработка на урбанистички планови за Волино, Велмеј, Слатино, Злести, Климештани, Издеглавје, Лактиње, Песочани, Црвена вода, Горно Средорече и Долно Средорече, изградба на фекална канализација во населено место Горенци и приклучок со регионалниот колектор, реконструкција на улица во Ботун, рехабилитација на локалниот пат Злести-Манастир и изградба на регионален колектор за одведување на отпадни води во Мешеишта.

Во Вевчани ќе се реализира изградба на улици и изградба на канализациони линии Вевчани. Сето ова се проекти кои се од големо значење за граѓаните на овие места и кои како што велат граѓаните ќе значат квалитетно подобрување на животот во посочените населени места исто како што тоа е пример и со реализираните проекти во други населени места во овие општини изминатите години.

Средства за инфраструктурни проекти и во Македонски брод

Со владини средства, ваков вид на проекти ќе се реализираат и во Македонски Брод. За оваа општина Владата само оваа година преку Програмата за рурален развој обезбеди 38 милиони денари за реализација на три проекти во оваа општина, кои практично значат продолжување на владините инвестиции во Македонски Брод и населените места во оваа општина. Градоначалникот Милосим Војнески за овие проекти информираше и при последната посета на премиерот Груевски.

Од Владата на Република Македонија добивме средства за уредување на пештерата Пешна 15 милиони денари. Таа е единствена пештера во Република Македонија со најголем отвор на Балканот. Ќе добиеме едно атрактивно место за рекреација, за посетители од цела наша република и туристи. Добивме средства за изградба на локален пат на с. Могилец и за изградба на улици во с. Самоков. Тоа е благодарение на Владата на Република Македонија. Минатата година изградивме четири локални патни правци и можам да кажам дека во последниве 7-8 години заедно со нашата влада имаме изградено него претходните 50 години за општина Македонски Брод, вели Војнески.

Градоначалниците на сите општини се едногласни дека со овој вид на владина поддршка општините многу полесно ги решаваат децениските проблеми на граѓаните од причина што станува збор за проекти кои се реализираат со финансиски средства, кои посебно помалите општини неможат да ги обезбедат доколку не ги обезбеди Владата. За нив и за граѓаните овие проекти се доказ дека Владата посветено работи на подобрување на животот на граѓаните во сите региони и општини во државата.