Милиони оштетени десет и педесетденарки завршуваат во машината за сечкање на НБРМ

Милиони оштетени банкноти годишно завршуваат во машината за сечкање во Народната банка на Македонија. Најчесто страдаат десетденарките и педесетденарките, а како најчеста причини за оштетувањата, познавачите ги наведуваат невниманието, туткањето по џебови наместо да се чуваат во паричници, а неретко и перењето во машини за алишта, пишува „Дневник“.

Граѓаните што имаат оштетени банкноти можат да ги заменат во банка, а тие потоа ги даваат во Народната банка, која ги прима и ги заменува книжните и кованите пари што станале непогодни за промет. Најголем дел од деловните банки наплаќаат провизија за замена на оштетени банкноти. Провизијата се утврдува на самото место и се’ зависи од процената, односно колку е уништена банкнотата. Најчесто банкарската провизија изнесува од пет до 10 проценти од вредноста на оштетената банкнота што се заменува.

За оштетени пари се сметаат книжните пари на кои преостаната површина изнесува повеќе од 60 отсто и имаат барем една неоштетена (видлива) нумеричка ознака (сериски број на банкнотата).

Од Народната банка, како што пишува весникот, не даваат информација колку годишно банкноти од македонскиот денар се уништуваат, бидејќи, како што ни рекоа, „оваа информација е класифицирана и не претставува информација од јавен карактер“. Нема официјален податок ниту за вкупната нивна вредност и каква е состојбата изминатите години.

Граѓаните коментираат дека им се случува да оштетат банкнота и признаваат дека на секој барем по еднаш му се случило да „испере“ пари во машина за перење.

„Најтешко ми падна кога во џебот од панталоните на сопругот, кои само што ги извадив од машината за перење, најдов испрани неколку банкноти, меѓу кои и една илјадарка. Се исушија за кратко време, не беа скинати, туку само со избледена боја. Но, не ми ги примаа во продавница, па морав да ги заменам во банка, каде за нив ми дадоа 900 денари“ вели скопјанката Наташа,  за „Дневник“.

Јавно објавените информации од пред неколку години укажуваат дека годишно се уништувале над 20 милиони банкноти, кои биле неупотребливи поради изабеност, излижаност и излитеност. Само во периодот 1996 до 2005 година биле уништени 140 милиони банкноти од македонскиот денар.

„Годишно се уништуваат многу парчиња. Од банкнотата од 50 денари и таа од 10 денари, кои се најоштетени поради најголемата примена, годишно би требало да се уништуваат по над 10 милиони парчиња. Факт е дека има немарен однос кон парите, особено кон тие со помал износ. Се чуваат по џебови наместо во новчаници, а неретко се перат и во машина. НБМ има специјална машина за броење, таа сама ги селектира оштетените банкноти“, велат познавачи на оваа проблематика.

Од Народната банка велат дека оштетеноста на банкнотите е во директна зависност со фреквентноста на нивната употреба.

„Следствено, апоените со пониска вредност, кои се почесто застапени во готовинските трансакции, бележат и поголем степен на оштетување. Народната банка ги повлекува и ги уништува парите што во процесот на обработката ќе бидат селектирани како непогодни за промет. Уништувањето на оштетените пари се врши на специјална машина за уништување лоцирана во просториите на Народната банка, што значи дека самиот процес на уништување на оштетените пари не предизвикува дополнителни трошоци“, велат од таму.

Замената на оштетените банкноти е регулирана во Законот за Народната банка.

„Народната банка може да одбие да замени книжни и ковани пари ако нивниот дизајн е оштетен, разобличен или перфориран или ако повеќе од 40 отсто од нивната површина недостасува. Овие книжни и ковани пари се повлекуваат или уништуваат без надоместок за сопственикот, освен ако постои доказ дека деловите што недостасуваат се целосно уништени, па тогаш Народната банка одобрува целосен или делумен надоместок. Народната банка не дава надоместок за книжни или ковани пари што се изгубени, украдени или целосно уништени. А може да конфискува без надоместок книжни или ковани пари чиј надворешен изглед е сменет, особено книжни или ковани пари на кои е пишувано, кои се боени, на кои има печати или перфорации или кои се премачкани со леплива материја“, пишува во законот.