Милко Ѓуровски ја следи македонската фудбалска траги-комедија: Треба да се исече се од корен

Ѓуровски ја следи македонската фудбалска траги-комедија : Треба да се исече се од корен

Тоа е реалноста на македонскиот репрезентативен фудбал, а сите овие случувања, иако живее во Словенија, со интерес ги следи прославениот македонски фудбалер Милко Ѓуровски.

Секогаш импулсивен и крајно отворен во јавноста, тој побара во ЕКИПА да го каже своето размислување за актуелните случувања во македонскиот фудбал. Смета дека се потребни коренити промени, во сите структури.

Паднавме под 130.место на листата на ФИФА. Има ли таму некој ’образ’ за да си замине. Ми се чини дека треба да се влезе со безбол – палка и сите да се избркаат. Па, како е можно, да паднеме на толку ниски гранки? Што мислите, мене не ме боли? Зошто тогаш сите молчат? Е, па Милко не сака да молчи и сака да ја каже вистината, вели Милко Ѓуровски за ЕКИПА.

Тој смета дека на фудбалот му се потребни коренити промени во сите структури. Сите што дваесетина години се во фудбалот, да си заминат.

Ништо не направивме во фудбалот цели 20 години. Исти луѓе, дојдени само да “лапаат”, без фудбалско знаење, и се се работи по некој пријателски клуч. Ете затоа одиме назад, кон Сан Марино. Мајко моја, до каде дојдовме? Сите треба да си одат, што чекаат. Еве ја вистината. Претседателот погрешно избра тројца селектори. Во репрезентацијата не играат најдобрите фудбалери. А не да повикуваат некои, како на проба. Пандев не сака да игра, Попов не го викаат, затоа сме последни. Во Управниот одбор на ФФМ се тие истите луѓе, бре, ги знам јас, таму се цели 20 години. И само шетаат и “лапаат” и ништо не направиле. А и нив ги бираат некои исти такви, од локалните сојузи. Се е само за интерес. Сите тие треба да си одат, значи сите, кои изминатите две децении се во фудбалот. Треба да се исече се од корен. Сите да се избркаат. Е, дури тогаш ќе може да се почне од нула и да се работи за доброто и за напредокот на фудбалот, објаснува Милко Ѓуровски, на крајот порачувајќи:

Милко отсекогаш бил таков, без влакна на јазикот. Овие другите сите молчат, се лигават, и затоа ги ’играат’. Ама подобро Милко и никогаш да не биде дел од таа фудбалска ’клика’. Кога си последен и кога немаш резултати, секако треба да има одговорност.