ВИДЕО: Милошоски: Бакојани ми кажа дека Србија треба пред Македонија да влезе во ЕУ

Антонио Милиошоски, поранешниот министер за надворешни работи на Република Македонија, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека поранешната шефица на грчката дипломатија Дора Бакојани му кажала дека позицијата на официјална Атина е таква што тие ќе ги направат сите можни чекори и ќе ги преземат сите можни дејствија Македонија да не стане членка на ЕУ, пред тоа да стане Србија. Милиошоски во интервјуто ги објаснува и разликите во ставовите по ова прашањето за името меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Имаме различни ставови со ДУИ во однос на тоа прашање по две работи најмногу. Првата работа е тоа што ние гледаме да не избрзуваме со изложување на нашите ставови во јавноста, затоа што изложување на секој став не му прави добра услуга на кој било предлог. Ако македонската страна каже дека некој предлог е неприфатлив, тогаш тоа е сигнал за грчката страна да го каже спротивното, и обратно, ако македонската страна каже за некој предлог дека е добра основа, тоа најчесто било сигнал за официјална Атина да го одбие веднаш таквиот предлог. Затоа сметаме дека изложување на ставовите по однос на спорот за името е најдобро да бидат канализирани во дипломатската комуникација којашто се одвива на релација Македонија-ОН-посредникот Нимиц и официјална Атина. И Втората работа по којашто сме имале разлики со коалициониот партнер по ова прашање е начинот на одлучување и стигнување до конечно решение. Ние сметаме дека конечното решение и одговор треба да биде резултат на изјаснување на граѓаните на референдум. Од ДУИ не го негираат да речам тоа како можна варијанта, но сепак гледаме дека не се најзадоволни со една таква процедура при решавањето на ова прашање, затоа што за нив времето на решавањето на спорот е поважно од квалитетот на решението на македонско-грчкиот спор, додека за ВМРО-ДПМНЕ квалитетот и долготрајноста на можното решение меѓу Македонија и Грција е поважно од временските рамки коишто некој се обидува да ги наметне“, вели Милошоски.