Милошоски: Бојкотот на кој било Парламент е бојкотирање на демократијата

Ако имаме волја да развиваме дијалог во Европскиот парламент, тогаш нема причина тоа да не го направиме и во Собранието, вели во изјава за Телеграф.мк, Антонио Милошоски потпретседател на македонското Собрание и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, кој се наоѓа во Брисел.

Милошоски во Брисел учествува на семинарот „Развој на политичка култура и зајакнување на политичкиот дијалог за одржлива демократија што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент, а на кој учествуваат и претставници од македонската опозиција

-Бојкотот на кој било Парламент е бојкотирање на демократијата, вели Милошоски пред утрешната дебата во европскиот законодавен дом, а која ќе биде повеќе за Македонија, при што ќе говори и известувачот Иво Вајгл.

На првиот ден од дебатата можеа да се чујат дијаметрално спротивни ставови. Меѓу учесниците се и Радмила Шеќеринска, Љупчо Јосифовски и Лидија Димова, претставени од организаторот како пратенички од СДСМ и НСДП. На семинарот ќе присуствуваат и Талат Џафери (ДУИ), Љубица Буралиева (независна пратеничка) и Имер Алиу (ДПА).

Заедно со македонската парламентарна делегација во Брисел е и генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, Жарко Денковски, пишува Телеграф.мк.